Вечерва со голем огномет и концерт на Каролина Гочева беше отворено битолското културно лето Бит Фест.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски се обрати пред публиката на Хераклеја, најавувајќи еден сосема нов концепт на културно лето, кој, како што рече денес и доликува на Битола.

„Содржините кои се дел од оваа програма даваат концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот, креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои ќе земат у чество на БитФест. Фестивалот заслужено добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и за публиката“ рече градоначалникот Коњановски.

Коњановски зборуваше и континуитетот на културното лето во Битола повеќе од 45 години. Од Хераклејски вечери со неколку дневно траење, продолжило да ја менува својата форма и траење зависно од организацијата и финансиските средства со кои располагале организаторите. Од 2001 година Битолското културно лето продолжило да се одржува во организација на општината Битола во соработка со националните институции и поддршка од Министерството за култура, а од 2006 година, општината комплетно ја презема организацијата на Битолското културно лето со акроним БИТ ФЕСТ.

Каролина Гочева рече дека е среќна што после неколку години повторно се гледаат на едно од најубавите и најпосакуваните места за секој уметник, амфитеатарот во Хералјеа. Претходно таа тука имаше концерт во 2018 година.





















