ТЕРА

REKLAMA???

ССМ в среда на 28 јануари излегува на протест

Сојузот на синдикати (ССМ) во среда на 28-ми јануари ќе организира протест кој ќе почне од 17 часот од зградата на ССМ и ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.

Претседателот на Советот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов порача дека е време работниците да се изборат за достоинствени плати.

„Ги повикуваме сите работници кои ги лажеле нивните газди, директори, менаџери, премиери, министри, дека ќе им ги зголемат платите, а не го сториле тоа, да ни се придружат на улица затоа што тие до 31.12 не се договорија за тоа и со потсмев им кажаа на работниците да седнат со газдите и да се договорат. Повикуваме на протест затоа што прагот на сиромаштија е 31 илјада и 200 денари. На секој еден работник му е потребно зголемување на платата, ама не за 25 евра како што функционерите се фалат дека ќе ги усогласат платите, ама не сега, туку во март“ рече Трендафилов на прес-конференција.

Тој укажа дека „седењето дома дава поддршка на политиката на ниски плати и тежок работнички живот“.

„Уште денеска можат да ја зголемат минималната плата на 600 евра и сите останати плати за 100 евра. Нема да го направат тоа, ниту пак ќе не повикаат на разговор. Ако некој смета дека ние треба само да седиме и да разговараме, тоа го правиме цела 2025 година, а кога ќе седнеме на маса ни велат договорете се вие, а ние тоа ќе го прифатиме. Се додека не ги зголемат работничките плати и се додека слушаме само „ќе“, се дотогаш работниците ќе бидат незадоволни и ќе протестираат“ истакна Трендафилов.

Тој најави дека ова е првиот чекор од низата во наредниот период, а кои ќе значат: „дополнителни протести и блокади, генерален штрајк во јавниот сектор“.

„Доколку немаат слух ќе им собереме и 10 илјади потписи и ќе станеме овластен предлагач на законите-ќе побараме намалување на функционерските плати за 78% и зголемување на минималецот на 600 евра“-велат од Сојузот на синдикати.

ССМ повеќе од една година бара зголемување на минималната плата посочувајќи дека растат животните трошоци и дека македонскиот работник станува се посиромашен. Во државите од регионот, освен во Косово, како што посочуваат, минималната плата е над 500 евра.