По скоро 50 дена, на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола повторно се играше сениорски фудбал. Од она што можеше да се види, тревната подлога е рехабилитирана и теренот повторно е ставен во функција. За љубителите на фудбалот тоа секако е добра вест. Но, за оние кои на стадионот не гледаат само фудбал, тоа не значи и крај на приказната. Напротив, со повторното отворање на стадионот повторно се отвора и прашањето што се случи во периодот во кој фудбалот го немаше таму.
По августовските концерти, стадионот и тревникот беа во центарот на вниманието поради видливите оштетувања. Тогаш беа отворени низа прашања. Кој ја утврдил штетата, колку ќе чини санацијата, кој ќе ги покрие трошоците и, пред сè, кој ќе понесе одговорност за начинот на кој спортскиот терен беше користен за масовни концертни настани. За овие прашања беа испратени и конкретни прашања до Општина Битола, со цел јавноста да добие одговор што точно се случило со теренот и кој ќе ја плати цената за неговото враќање во употреблива состојба.
Но, како што минуваше времето, вниманието се префрлаше кон други настани. Теренот требаше да се поправи, фудбалот требаше да продолжи, а приказната за тоа како дошло до оштетувањето полека да се заборави. Денес, кога тревникот повторно изгледа како да нема ништо спорно, лесно е да се создаде впечаток дека целиот проблем е завршен. Но, поправениот терен не дава одговор на прашањето кој е одговорен за неговото оштетување.
Во целата приказна дополнително внимание предизвика и набавката на нова опрема за одржување на теренот. Општина Битола склучи договор вреден 4.373.550 денари. И оваа набавка отвори нови прашања: Дали опремата претходно недостигала; Дали со неа конечно се решава проблемот со одржувањето на теренот и колку од средствата што се издвојуваат за стадионот се однесуваат на редовно одржување, а колку се последица на претходни пропусти и оштетувања.
Во исто време останаа отворени и низа прашања поврзани со работењето на ФК Пелистер. По испаѓањето на клубот од Првата лига беше најавена финансиска ревизија на работењето на клубот. Јавноста има право да знае што покажала таа ревизија, што е утврдено и дали, доколку се констатирани пропусти, некој ќе понесе одговорност.
Остана неодговорено и прашањето за лицата кои биле ангажирани и исплаќани преку клубот. Во јавноста беше посочен податок за 66 ангажирани лица, што отвори дилеми за тоа кои се тие луѓе, по кој основ биле ангажирани, какви услуги давале и колку средства им биле исплатени. Прашањето не е само бројката, туку и оправданоста на секој исплатен денар, особено кога станува збор за клуб кој добива значителна финансиска поддршка од Општината.
Токму затоа, денешната слика од „Петар Милошевски“ може да изгледа убаво. Повторно има фудбал, теренот е во функција, на него играат репрезентации и стадионот повторно го добива својот спортски карактер. Но, зад таа слика останува една поширока приказна за начинот на кој во Битола се управува со спортската инфраструктура и со средствата наменети за фудбалот. Теренот може да биде рехабилитиран, но со тоа не се рехабилитираат и одговорноста и транспарентноста. Проблемот е што во Битола премногу лесно се оди од еден настан кон друг. Се случува проблем, се поставуваат прашања, се најавуваат проверки или решенија, потоа доаѓа следниот настан и целата приказна полека исчезнува од јавноста. Така, наместо одговорност, добиваме санација; наместо целосно објаснување, добиваме нова набавка; наместо објавена ревизија, добиваме нова сезона. А, фудбалот ги заслужува и едното и другото. И добар терен, и одговорно управување.











