Нема да има толеранција за никого, нема да толерираме никаква примена на нечесни практики и секој кој ќе се огреши ќе биде казнет, порача денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Тој информираше дека на терен на цела територија на Македонија со повеќе од 40 тимови или повеќе од 120 инспектори, ротирани во различни градови, и врши проверка дали се почитува одлуката на Владата за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи.
Трајковски апелираше да се почитува одлуката, без обиди на заобиколување на каков било начин и потсети дека ДПИ постапува по Законот за трговија каде казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра.
„Вчера бев на терен и видов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката и нејзината примена. Затоа, денеска сме на терен и ќе постапуваме по законските прописи и секој што не ја почитува одлуката денеска ќе биде казнет, а доколку има потреба во иднина ќе затвориме и дел од објектите што не ја почитуваат одлуката“, вели тој.












