Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е практично Украина да стане членка на НАТО и дека е малку веројатно да ја врати целата своја територија од 2014 година. Оваа негова позиција ја изнесе во Белата куќа пред новинарите, а откако оствари последователни телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пишува МИА.
Трамп откри дека очекува средба со Путин во иднина, веројатно во Саудиска Арабија, и ја оцени нивната комуникација како „добра“. Од Москва соопштија дека разговорот со Путин траел околу 90 минути, а Киев информира дека разговорот со Зеленски траел околу еден час. Кремљ потврди дека двајцата лидери се договориле да се сретнат, а Путин го поканил Трамп во Москва, иако има и сугестии за средба во трета земја, како Саудиска Арабија или Обединетите Арапски Емирати.
Претходно, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека враќањето на Украина во границите пред 2014 година е „нереалистично“ и дека администрацијата на Трамп не смета дека членството на Киев во НАТО може да биде дел од решението за војната. Американскиот претседател ги потврди овие ставови. Сепак, Трамп истакна дека Вашингтон ќе продолжи да испраќа воена и финансиска помош на Украина, но „сакаме да биде осигурана“.












