ТЕРА

REKLAMA???

УНИВЕРЗИТЕТСКА ТРКА И ФРКА 2025

Факултет за безбедност – Скопје беше домаќин на инспиративен и рекреативен спортски настан – Универзитетската трка 2025, која со своето второ издание веќе прераснува во традиционален собир на академската заедница на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Настанот, организиран со поддршка од академската и административната структура на УКЛО, посебно од тимот на Факултетот за безбедност, како и  постојаните партнери од Црвениот крст и Тренинг центарот на Министерството за внатрешни работи, опфати колоритен сет на активности за унапредување на психофизичкото здравје: обука за психолошка добросостојба, трка и забавни игри.

Трката се одржа на специјално обележана атлетска патека долга 2.5 километри, која успешно ја истрчаа сите пријавени учесници – студенти, вработени и поранешни кадри на УКЛО, под менторство на спортски тренер.

Во рамките на делот „фрка“ беа застапени активности во кои одмерувањето на силите беше помеѓу сите присутни спортисти и ентузијасти, според кои ваквите настани се симбол на заедништво, ентузијазам и академски спортски дух, потврдувајќи дека рекреацијата и здравите животни навики стануваат сè поважен сегмент од студентскиот живот.

По завршувањето на спортскиот дел, во поставената мобилна единица на колаборативниот простор на УКЛО КОЛОРС, се одржа забава, каде студентите, кадрите и гостите имаа можност да се опуштат, да се дружат и да уживаат во позитивна и пријатна атмосфера. Во машка и женска конкуренција беа прогласени најдобрите тркачи, а на првопласираните им беа доделени медали, дипломи и пригодни награди од брендот на КОЛОРС. Сите учесници добија благодарници, симболична потврда за учеството во духот на заедништвото.

И оваа година, манифестацијата се одржа под боите на европската универзитетска алијанса КОЛОРС (COLORS), во која УКЛО активно учествува. Трката беше дел од пошироката мисија на КОЛОРС за поврзување на младите, интернационализација на академската заедница и афирмација на спортот како начин на живеење. Со ова, УКЛО уште еднаш покажа дека студентите се во срцето на неговите активности, а спортот е алатка за зајакнување на академската кохезија и припадност.