Се е подготвено за традиционалниот Вевчанскиот карневал што ќе се одржи утре и на 13 јануари во Вевчани, на празникот Свети Василиј Велики.
Централната карневалска поворка ќе се одржи на 13 јануари од 13 часот кога во центарот на Вевчани ќе се сретнат карневалците од двете маала, најавија организаторите.
Градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, упати отворена покана до граѓаните да ја посетат манифестацијата нагласувајќи дека за време на карневалските денови целото село живее во духот на традицијата и заедништвото.
„Во Вевчани тие денови секоја куќа е отворена и насекаде ќе ве пречекаат со љубов. Карневалот и маските не се само за критика, туку, пред сè, за забава“- изјави Кочовски.

Вевчанскиот карневал претставува спој на долга традиција и современа сатира.
„Маските се инспирирани од настаните од изминатата година, но карневалот не е само критика на општеството, туку, пред сè, забава“- велат организаторите на Вевчанскиот карневал.
Тие најавија и богата музичка програма. На 12 јануари од 20 часот ќе се одржат концерти на рап-дуото „Пука козметика“, „Влатко Лозаноски бенд“ и „Брас брадрс“.
На 13 јануари, од 20 часот, ќе настапат Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски и Оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“.
Музичката програма ќе заврши на полноќ со настап на Перо Бели и групата „Вип“, кои традиционално ќе ги испратат карневалците на изворите.
Вевчанскиот карневал, една од најстарите живи карневалски манифестации на Балканот симболично го означува преминот од старата во новата година и потребата од прочистување, обновување и нов почеток.












