ФК Пелистер влегува во новата сезона со наталожени проблеми, нерасчистени сметки и десетици отворени прашања за кои некој свесно молчи. Ова не е нов почеток за клубот. Ова е почеток на сезона во која се влегува со образ ѓон, а главниот виновник за овој дебакл има име и адреса – Општина Битола. Како сопственик на клубот, Општината не е само нем набљудувач. Таа е директен соучесник во уништувањето на битолската гордост.
Клубот уште еднаш го допре дното и испадна во Втора лига. Целото раководство, поставено токму од Општината, кукавички избега и се сокри зад најавената ревизија. Каде е тој извештај? Зошто Општината сè уште ја крие ревизијата од граѓаните? Свесно ли се штити фамозниот платен список со 66 лица кои цицале народни пари од клубот, а јавноста не знае ниту што работеле? Приказната за продажба на клубот која локалната власт ја сервираше како спас пукна како меур од сапуница. Наместо сериозни инвеститори, Битола доби уште една евтина лага.
Додека навивачите крварат за клубот, ФК Пелистер тоне во должничко ропство кое галопирачки расте. Податоците се застрашувачки. На крајот од декември лани, клубот имал 2.953.767 денари доспеани, а неплатени обврски, за веќе во март годинава тој долг експлодира на 3.606.610 денари! За само три месеци, долгот е зголемен за 650.000 денари, а каков е финансискиот биланс за вториот квартал заклучно со јуни никој не знае. На официјалниот интернет портал на Министерството за финансии сеуште нема никакви информации. Што се крие? Ова се пари од буџетот на битолчани кои некој немилосрдно ги потрошил, а Општината како сопственик одбива да даде отчет каде завршиле и кој ќе ги плаќа.
Капак на сè беше односот на општината кон теренот каде Пелистер ги игра натпреварите. Веројатно заради несоодветно постапување, тревата изгоре, а општината и надлежното јавно претпријатие Комуналец и за тоа се кријат и молчат. Наместо одговори и одговорност за уништениот стадион за кој сите ние плаќаме, јавноста добива блокади и игнорирање. Случајот со нашата телевизија и забраната да се сними теренот на стадионот Петар Милошевски е врв на лудилото. Криењето само потврдува дека Општината и партиските пиони панично се плашат од вистината. Затоа што теренот не е ничија приватна сопственост! Ниту стадионот, ниту Пелистер се приватна играчка на локалните моќници за да го уништуваат без последици!
И додека клубот се дави во долгови, контроверзии и аматеризам, официјалниот канал на Пелистер покажува невидена дрскост. Тие се занимаваат со „емоџи“. Градот бара одговори за милионите денари, а општината преку своите пи-ар “екперти” ни продава дигитална магла. Тотален среден прст од oпштината за секој искрен навивач, за секој битолчанец и за „Чкембарите“ кои живеат за овој клуб.
На Пелистер не му требаат смајлиња за замачкување очи. На Пелистер му треба чистка, одговори, транспарентност и кривична одговорност од тие што го донесоа на ова дереџе! Затоа, пред новата сезона ги забиваме прашањата во ѕидот на срамот на Општина Битола:
– Каде е ревизијата и зошто општината ја крие под тепих?
– Кои се 66-те луѓе кои земаа плата додека клубот испаѓаше во Втора лига?
– Кој ќе ја понесе кривичната одговорност за милионските долгови направени со општински пари?
– Зошто јавноста не смее да го види теренот за кој се потрошени милиони од џебот на граѓаните на Битола?
Пелистер не е алатка за лични богатења, партиски вработувања и лечење комплекси. Пелистер е институција! Ќе живее и после оваа и по наредната управа, и по наредната… Ќе дојде време кога пак ќе се зборува за голови и за победи, а не за политички садизам врз неговата “кожа”! Можеби и за “катче на срамот” во новиот Фан шопот, посветенo на луѓето што со години го туркаат во бездната каде што се наоѓа сега!











