ТЕРА

REKLAMA???

3,23 ПРОМИЛИ ЗАД ВОЛАНОТ: КРИВИЧНО ДЕЛО, НЕ ПРЕКРШОК

СО 3,23 ПРОМИЛИ АЛКОХОЛ ВО КРВТА, БИТОЛЧАНЕЦ СЕДНАЛ ЗАД ВОЛАНОТ НА „МЕРЦЕДЕС“ ВИКЕНДОВ. ОПШТ Е ЗАКЛУЧОКОТ ДЕКА МАЛКУ ПОВЕЌЕ ГО ПРОСЛАВИЛ МИТРОВДЕН. НО, АКО ШЕГАТА СЕ ТРГНЕ , ОСТАНУВА САМО СТРАВОТ ОД МОЖНИТЕ ПОСЛЕДИЦИ ШТО ГИ ПРЕДИЗВИКУВААТ ВАКВИТЕ ВОЗАЧИ НА АВТОМОБИЛИ ШТО СЕ ТОВАРАТ СО КРИВИЧНОТО ДЕЛО БЕЗОБЅИРНО УПРАВУВАЊЕ СО МОТОРНО ВОЗИЛО. И , МОЖЕ ДА СЕ ЛЕЖИ ЗАТВОР !

Полицијата го запрела на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“ возачот кој во саботата го возел својот Мерцедес со 3,23 промили алкохол во крвта низ градот,  го лишила од слобода, а од МВР најавија дека по документирањето на случајот ќе следува соодветен поднесок. Настанот е од 7 ноември, а информацијата беше објавена следниот ден.

Но, што значи тоа во пракса?

Дали возачот добива само казна или се соочува и со кривична постапка?

Законот е јасен: возачот не смее да управува возило ако има повеќе од 0,5 промили алкохол во крвта. А кога концентрацијата ќе достигне најмалку 1,5 промили, случајот веќе не е обичен сообраќаен прекршок, туку може да претставува кривично дело : „безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик.

Која е праксата на полицијата кога ќе забележи „шантаво“ или исклучително невнимателно возило ?  Го запира возачот, ја утврдува алкохолизираноста со соодветен апарат, го отстранува од сообраќајот, а кога постојат основи за кривично дело ,  може  и да го лиши од слобода. Потоа следуваат документирање на случајот и поднесување кривична пријава до надлежното обвинителство. Во ваквите случаи МВР во своите соопштенија редовно наведува дека лицата се лишени од слобода и дека по документирањето ќе следува пријава по член 297-а.

За споредба, кај концентрација од 1,01 до 1,50 промили, Законот за безбедност на сообраќајот предвидува глоба од 275 евра и забрана за управување од шест до девет месеци. Но, над 1,5 промили се влегува во кривична одговорност. Тоа не значи дека затворската казна е автоматска,  за неа претходно одлучува судот.

А со 3,23 промили не станува збор за возач кој само малку претерал со чашката. Станува збор за сериозно загрозување на безбедноста во сообраќајот. А воланот, за разлика од кафанската маса, не е место каде што може да се наздравува до бесвест. Затоа што секогаш постои дилемата за потенцијалната опасност по животи и имот на луѓето.