Центарот за управување со кризи информира дека во последните 24 часа, до утрово до 07:00 часот на територијата на Македонија има вкупно 27 пожари, од кои 8 активни, а 19 изгаснати.
Активен е пожарот во Општина Македонски Брод – Повеќенаменско подрачје Јасен (мешана шума), во Општина Прилеп – с. Беловодица, место викано Ливада и с. Лењиште (букова шума), во Општина Долнени – с. Стровија и с. Долгаец (мешана шума), во Општина Росоман – с. Дебреште (ниска вегетација), во Општина Кичево – с. Душегубица (ниска вегетација и ниска шума), во Општина Студеничани 1 – с. Горно Количани и с. Драчевица, планински врв Китка (мешана шума), во Општина Велес – с. Клуковец (ниска вегетација) и во Општина Сопиште – кај Брана Езеро Козјак (ниска вегетација и шума).
Подоцна Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека дождот што заврна пред седум часот утрово и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот што трае повеќе од десетина дена, да биде изгаснат.
Но, велат дека и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжат со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење.
Фото: ДЗС












