ТЕРА

REKLAMA???

Што предвидува проектот за регионална депонија во Новаци?

Во Новаци ќе се гради регионална депонија, а ќе ја користат општините од Пелагонискиот и југозападниот регион.
Започната е постапка за оцена на влијанието врз животната средина согласно законот за животна средина, велат од министерството за животна средина за Тера.
Информираат дека Известувањето за намерата за изведување на проектот „ Воспоставување систем за регионално интегрирано управување со цврст отпад во Југозападниот и Пелагонискиот плански регион “ е доставено до сите општини од 2та региона, објавено во 2 весника и објавено е и на веб страната на МЖСПП. Општините имаат обврска да го објават на своите веб страни или на друг начин да го направат известувањето достапно за јавноста. Од Министерството ни ги испратија техничките детали и информацијата за начинот на финасисрање на овој проект.

Целта на проектот е воспоставување на заеднички интегриран систем за управување со отпад во Југозападниот и Пелагонискиот регион, што вклучува изградба на централна и локални инсталации за управување со отпад во регионот. Предложениот интегриран систем за управување со отпад е разработен во рамките на Регионалните Планови за управување со отпад за Југозападниот и Пелагонискиот регион кои беа подготвени врз основа на националното и европското законодавство за управување со отпад и одобрени
од страна на Министерствотот за животна средина и просторно планирање, потоа Стратегијата за управување со отпад, плановите и програмите за управување со отпад, како и врз основа на студија подготвена од страна на Европската Банка за Обнова и Развој (EBRD) во 2019 година1 за анализа и оцена на тековната состојба во областа на управувањето со отпад во Југозападниот и Пелагонискиот регион.

Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедува техничка и финансиска помош на Општините за воспоставување функционални регионални системи за интегрирано управување со отпад. Претходна техничка документација за интегрирано управување со отпадот во Југозападниот и Пелагонискиот плански регион
За Југозападниот и Пелагонискиот плански регион со помош на средства од ИПА 2 програмата изработени се:
Регионален план за управување со отпад (2016-2026) и Стратешка оцена на животна средина (СОЖС) за регионалниот план за управување со отпад;
Студија за изводливост и Анализи на трошоци и придобивки: анализа на трошоците за набавка на нови камиони и контејнери за собирање и селектирање на отпадот и изградба на планираните претоварни станици и регионалните центри за преработка и отстранување на отпадот; Студија за оцена на влијание врз животна средина (ОВЖС) од планираните инвестиции.
Тендерска документација за спроведување на планираните инвестиции. Достапните фнансиски анализи спроведени во рамките на проектите изработени во рамките на ИПА 2 програмата, предвидуваат во инвестицијата да учествуваат грант средства со висина од 85%, а преостанатите 15% да се обезбедат од државниот буџет.
Технички концепт и трошоци за интегрирано управување со отпадот во Пелагонискиот и Југозападниот плански регион
Иницијалното техничко решение за регионалната инфраструктура предвидува изградба на една регионална санитарна депонија за двата региони, лоцирана во Новаци и претоварни станици во Дебар, Охрид, Кичево, Битола и Прилеп.


Трошоците за изградба на регионалната депонија и за набавка на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот за опрема, прва, втора и трета ќелија, како и затворање и рекултивација на секоја ќелија ќе бидат 21,089,440 евра.

Заемот би опфатил инвестирање во опремата и во изградбата на првата келија на депонијата. Инвестицијата во изградбата на останатите келии, замена на дотраената опрема и рекултивацијата на секоја келија треба да се обезбеди со средства собрани преку наплата на надоместоците од корисниците на услугата.
Инвестицијата во изградба на планираните претпварни станици во Дебар, Кичево, Охри9д, Битола и Прилеп ќе чини 5.750.508 евра.
Трошоците за контејнери и камиони за собирање и селектрирање на отпадот на локално ниво се околу 7 милиони евра за 18 општини во двата региона.

Релативно скапата инвестиција во постројки за третман на отпадот (механички и биолошки третман на отпадот), што е предвидена со техничката документација изработена со грантот од ИПА 2 програмата (заради целосна примена на европското законодавство), се планира да се имплементира подоцна, односно засега не е дел од предвидениот заем.
Институционална поставеност на системот за интегрирано управување со отпадот во Југозападниот и Пелагонискиот плански регион
Предложената институционална поставеност предвидува дека секоја од вкупно 18-те општини ќе го собира отпадот на својата територија со помош на Јавните комунални претпријатија и за таа цел ќе добие нови контејнери и камиони. Предвидено е отпадот да се селектира, а приходите од продажбата да ги користат јавните комунални претпријатија.
Согласно Законот за управување со отпад, за управување со регионалната инфраструктура ќе се формира меѓуопштинско јавно претпријатие (или акционерско друштво, доколку така одлучи меѓуопштинскиот одбор во кој членуваат сите градоначалници од регионот). Имено, регионалниот оператор (јавно претпријатие или акционерско друштво) ќе управува со претоварните станици и регионалната санитарна депонија, односно со целокупната механизација – багерите, компакторите и другите машини на депонијата, како и камионите за регионален транспорт од претоварните станици до депонијата.
Финансирање на системот за интегрирано управување со отпадот во Југозападниот и Пелагонискиот плански регион
Општините ќе плаќаат надоместок за депонирање при предавањето на собраниот отпад на претоварна станица или на депонија (доколку транспортното растојание до депонијата е помало отколку растојанието до најблиската претоварна станица). Затоа надоместокот што ќе го плаќаат корисниците на услугата (домаќинствата, институциите, индустријата и комерционалниот сектор) ќе треба да ги вклучи сите трошоци – собирањето, претоварот, транспортот до депонијата и отстранувањето на отпадот. Законот за управување со отпад предвидува тарифата за управување со отпад (собирање, транспорт, претовар и депонирање) да се утврдува од страна на Регулаторната комисија, според посебна методологија што ја пропишува Министерот за животна средина и просторно планирање.
Финансиските анализи спроведени од страна на консултантите на ЕБОР тргнуваат од претпоставката дека цената на услугата ќе биде во рамките на 1,5% од просечните приходи на домаќинствата, којшто процент е воспоставен како индикатор за достапност на комуналните услуги од страна на Светска Банка. За домаќинствата да можат да го платат надоместокот за управување со отпад, направена е симулација на учеството на заем и грант во финансиската конструкција. Соодносот на грантот и заемот треба да биде 50%/50%, а грант средствата може да бидат достапни од програмата за Западен Балкан на ЕУ (Western Balkan Investment Framework), додека заемот би се обезбедил преку ЕБОР. Доколку заемот би учествувал со повеќе од 50%, инвестицијата нема да биде исплатлива, бидејќи недоместокот би требало да се покачи над максималните 1,5% од просечните приходи на домаќинствата, што би довело до неможност тие да платат за услугата.
Следни чекори и обврски на Општините
Министерството за животна средина и просторно планирање има потпишано Меморандум за соработка со ЕБОР, со цел обезбедување грант средства за ревидирање/доработка на техничката и тендерска документација за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион: Студија за изводливост, Оцена на влијанието од проектот врз животна средина и на социјалните аспекти и тендерско досие за избор на изведувач и надзор на работите.
Општините треба да формираат меѓуопштински одбори и да основаат организациони единици за регионално управување со отпад во Центарот за развој на планскиот регион. Откако ќе се заокружи инвестицискиот проект со одобрена техничка и инвестициска документација, ќе биде потребно да се формира меѓуопштинско јавно претпријатие (или акционерско друштво) за управување со регионалната инфраструктура.
Инвестицијата би се одвивала фазно: најпрво би се набавиле контејнерите и камионите за да се оптимизира собирањето и селектирањето на отпадот, а во меѓувреме би се изработувала техничката документација.
За да продолжи соработката со ЕБОР треба да се добијат и соодветни одобренија од управувачкиот одбор на банката. Овие одобренија ќе зависат и од прифаќање на проектот од страна на новоизбраните градоначалници.

Во прилог е Известување за намерата за изведување на проектот „Воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагониски и Југозападен регион – регионална депонија и претоварни станици“
објавено во јули 2021 година во сите општини и на веб страната на МЖСПП, како и во „Слободен печат“ и „Лајм“

На 2 декември 2021 година во Клуб на пратеници, се одржа средба со сите градоначалници и министерот и државниот секретар каде се презентираа идните активности кои се однесуваат на воспоставување на систем за управување со отпад за Југозападен и Пелагониски регион. По изработената студија од Европската банка за обнова и развој и, позитивниот одговор на барањето од Владата за добивање на кредит за изградба на системот (исто од ЕБОР), министерството започна со подготвка на неопходната документација за реализирање на овој проект.
Депонијата ќе биде проектирана да ги исполнува потребните услови за спречување на загадувањето на почвата, подземните води или површинските води и
ефикасно собирање на исцедокот. Подлогата на депонијата ќе биде во согласност со европските и националните барања и стандарди и ќе вклучува (од долу нагоре) геолошка бариера, геомембрана, геотекстил и слој за дренажа.

Вкупната површина на областа која може да се користи во согласност со морфолошките карактеристики е 215.000 m2 (21,5 ha), и има доволно простор за
имплементација на Инсталација за централно управување со отпад.

Меѓурегионалниот Проект за управување со отпад ќе биде корисен на општествено и еколошко ниво. Предложениот систем за управување со отпад ќе придонесе за значително подобрување на условите на животната средина во двата региона. Најпрво, предложениот проект води кон валоризација на отпадот преку преработка, рециклирање и депонирање на отпадот со минимизирање на влијанитето врз животната средина од досегашната пракса. Стандардната депонија во согласност со сите национални и европски барања ќе овозможи долгорочно безбедно отстранување на комуналниот отпад. Со ова ќе се постигне затворање на сите постоечки диви и нестандардни депонии. За избегнување или минимизирање на можните последици, ќе бидат преземени сите соодветни мерки. Треба да се напомене и дека во моментов целиот создаден комунален цврст отпад се
отстранува на неконтролирани нестандардни комунални и диви депонии и во двата региона. Поради тоа, постојат многу негативни влијанија врз флората и фауната. Формирањето на депонијата ќе овозможи затворање на сите неконтролирани депонии и ќе доведе до безбедно отстранување на остатоците од отпад на стандардната депонија, што ќе доведе до многу позитивно влијание врз различни реципиенти (т.е. флората и фауната, пејзажот и визуелното опкружување, културното и историското наследство, квалитетот на воздухот, бучавата и вибрациите, квалитетот на водата, хидрологијата, почвата и др.)