Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост Скопје (АД ЕСМ Скопје), за 2020 година, согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 година.
Ревизорите со извршената ревизија констатирале дека во периодот од 2011 до 2020 година значителен износ на финансиски средства се инвестирани во проекти кои не се завршени и опрема којашто не е ставена во употреба. За реализација на проектите и набавките склучени се договори и исплатени вкупно средства во износ 1,3 милијарди денари или околу 21,5 милиони евра.
Овие проекти и набавки се однесуваат на:
-имплементирање на Интегриран компјутеризиран деловен информациски систем – БИС,
– обезбедување опрема за подобрување на телекомуникациите и мрежувањето,
– обезбедување на стоки од „системот за следење на движење и мерење на количините на јаглен и мерење на активности на придружна механизација за ПЕ Рудници во РЕК
Битола‘‘,
– ХЕ Бошков Мост – изградба на брана и формирање на акумулација,
– Луково Поле – подготовка на предлог проект за обновлива енергија,
– изградба на нов административен објект – Деловна зграда на АД ЕСМ Скопје,
– реконструкцијата и доградбата на фасада за управна зграда на ЕВН Македонија АД и
АД ЕСМ Скопје и
– други расходи кои се однесуваат на консултантски услуги, мислења за физибилити студии и други испитувања, кои не биле искористени за реализација на конкретни
проекти.
Во однос на проектот за модернизацијата на Блок 1 во РЕК Битола ревизорите утврдиле дека проектот не е реализиран и истиот во периодот од 2011 година до периодот на издавање на извештајот предизвикал непродуктивни расходи во вкупен износ од 1.296.211 илјади денари (околу 21 милиони евра). Најголем дел од расходите или 55% претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци кои произлегуваат од изгубената постапка, за кои АД ЕСМ Скопје нема признаено резервирање. Дополнително, 39% од расходите се по основ на исплатен аванс и повлечени кредитни средства за осигурување на кредитот и 6% платената провизија за неповлечени, а одобрени средства од кредитна линија за финансирање на овој проект.
Ревизорите утврдиле дека извршениот попис на средствата и обврските на крајот на годината не е спроведен во целост и на начин уреден согласно Правилникот за вршење на попис. Меѓу другото, тие констатирале дека подолг временски период постои количинска неусогласеност од 2.505.956 kg, меѓу мазутот евидентиран во сметководствената евиденција и истиот прикажан во пописните листи или вредносно искажано таа разлика изнесува 62.650 илјади денари (пресметано по просечни цени на 31.12.2020 година).
Во извештајот е наведено дека земјиштата и градежните објекти претставуваат 56% од вкупната вредност на материјални средства на друштвото, при што АД ЕСМ Скопје иако располага со имотни листови, поради недостаток на детални и точни податоци во деловните книги, ревизорите не биле во можност да ја потврдат нивната комплетност, површина и сопственост. За земјиштето кое со одлука на Владата на РСМ е доделено на трајно користење и на кое се гради нов административен објект – Деловна зграда на АД ЕСМ Скопје не е започната постапка за обезбедување на имотен лист.
Констатирани се и слабости во примената на Законот за јавни набавки меѓу другото во делот на утврдување на проценетата вредност на набавките, докажување на бараната способност со постапката и содржината на техничката спецификација. Имајќи во предвид дека АД ЕСМ Скопје нема обврска да ги применува одредбите од законот во случај кога предмет на набавка е енергија или гориво за производство на енергија, за транспарентно спроведување на овие набавки, објавува јавен повик.
Ревизорите укажуваат на потребата од донесување на процедура за начинот на планирање и спроведување на јавните повици за набавка на гориво за производство на електрична енергија.
Несоодветно воспоставената евиденција на резервирања за рекултивација на деградирано земјиште и нивното анулирање влијае на двојно прикажување на расходи во претходниот период, како и погрешно прикажување на приход од резервирања во 2020 година.
Во објавениот ревизорски извештај се утврдени слабости и во делот на воспоставените внатрешните контроли во процесот на управување и работа на ИТ системот, при што истите не се во согласност со меѓународните стандарди за ИТ безбедност и најдобри пракси и претставуваат ризик по функционирањето на системот.













