Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Беслимовски денеска на прес конференција рече дека се подготвува најголемата измена на тарифниот систем за електрична енергија од самостојувањето до денеска и сигурно е дека ќе се воведат блок тарифи.
Рече дека во моментов ги прават последните анализи со Електротехничкиот и Машинскиот факултет – дали да има три или четири блок тарифи, но сигурно е дека блок тарифите нема да важат за евтината струја.
Според него, оние домаќинства што повеќе трошат ќе плаќаат поскапа цена на електричната енергија.
„За евтина тарифа потрошувачката ќе биде неограничена и нема да постојат блокови, а за највисокиот блок цената за домаќинствата ќе биде многу блиску до пазарната. Искуствата во регионот ни покажуваат дека ние ќе бидеме прва таква земја која што ќе примени блокови само за скапа тарифа, бидејќи сметаме дека евтината тарифа треба да остане без никакви ограничувања и домаќинствата да ја користат, бидејќи тоа му одговара и на нашиот електроенергетски систем имајќи во предвид дека во одредени периоди од годината во ноќните часови заради термо производството на регулираниот пазар имаме и вишоци на електрична енергија, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.
Нагласи дека 17 семејства во државата трошат 10 проценти од вкупната потрошувачка на домаќинствата и додаде дека се стопроцентни плаќачи кои немаат никаков проблем со покривањето на трошоците за електрична енергија.
За оние потрошувачи чии домови се празни и немаат воопшто потрошувачка на електрична енергија, како што кажа, се размислува да се воведе одреден паушал бидејќи електричната енергија во секој момент им е достапна.












