Селекторот на македонскат репрезентација, Благоја Милевски и репрезентативецот, Елиф Елмас на официјалната прес-конференција во пресрет на утрешниот натпревар против Гибралтар ги споделија своите очекувања за мечот од второто коло од групата во Лига на нации.
„Фокусирани сме на мечот. Не смееме да калкулираме, туку да ги избереме најдобрите и да атакуваме на трите бода. Имаме одреден број на фудбалери со проблеми, но без разлика на тоа секогаш ќе излезат тие што се најподготвени во моментов. Пристапот ќе ни биде сериозен и нема место за калкулации и експерименти.
Во денешниот фудбал нема место за потценување. Со самиот податок што Гибралтар е во Лига Ц потврдија дека напредуваат. Нема ни 1% место за опуштање. Момците се свесни дека само со максимум може да се дојде до посакуван резултат. Секој натпревар е посебен, мора посебно да се подготвите. Нема два исти натпревари, а со самото тоа нема ни исти подготовки.
Ние се однесуваме со почит кон сите во нашата група, фудбалерите се свесни дека треба да го дадат максимумот. Оваа Македонија без разлика против кој ривал игра е обврзана да игра максимално“, рече Милевски.












