Низ процесот на звукот, преку објективот на фотоапаратот, до сетилата на оној
кој ќе ја доживее, изложбата Звукот на Битола претставува еден нов поглед кон градот. Станува збор за мултимедијална изложба од неколку фотографии, од урбаниот живот на Битола, која може и да се слушне. Симбиозата на звукот, пренесен преку фотографија, беше уникатно доживување за сите присутни на отварањето во Офицерскиот дом.

На секоја од фотографиите е поставена и аудио опрема, со која се отвори можноста за слушање на фотографиите. Како автори на овој проект се потпишуваат Никола Тргачевски, Александар Котевски и Михаил Марковски, креативци од урбаниот живот во Битола во последниве 10 години кои работеле на голем број на проекти како на локално така и на глобално ниво.
Целта е да се пренесе и доближи градскиот дух до гледачот, во Офицерски
дом – Кристалната сала, но и многу пошироко, на социјалните мрежи, а воедно и
промовирање на Битола надвор од границите на државата.












