На новиот албум на Црвена јабука – „Нека нова јутра“, кој деновиве се најде пред фановите ја има и песната „Ако умрам, ил загинам“, на легендарниот македонски автор Јонче Христовски.
Најавен со насловната песна и спот, овој албум го разбуди медиумскиот интерес на целиот регион, а многубројната публика имаше можност однапред да го купи овој албум со потписот на Жера. Новиот студиски албум беше промовиран пред многубројните пријатели на Црвена Јабука и автори кои го дадоа срцето на овој албум, дел од нив дојдоа од Сараево само за промоција.

Албумот содржи и обработка на големиот хит на Нови Фосили „Тонка“, која Жера ја отпеа во спомен на големиот композитор и пријател Рајко Дујмиќ и Марио Пејиќ. Новото дискографско издание има петнаесет песни со ретро звук со кој потсетуваат на „Јабука“ од нејзините најдобри денови. Како и секогаш, темата на песните е љубовта, а на многу од нив се провлекуваат контурите на Сараево. Автор на повеќето песни, кои се на новиот албум, е Мирко Шенковски Џеронимо кој заедно со Дражен Жериќ Жера и Ларис Пашалиќ ги потпишува и сите аранжмани на песните.













