Во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, голем солистички концерт одржa македонскиот музички бренд – „Некст Тајм“. Концертот беше насловен „Од срце за Македонија“ и на истиот тие беа придружувани од нивниот бенд, на чело со композиторот и музичар – Николче Мицевски, со кои го презентираа нивното музичко творештво, како и материјалот од нивниот последен албум „Мајка“. Фронтменот Стефан изјави дека за овој момент чекале цели 15 години, но дека вредело.
„Чекавме 15 години за ваков магичен момент, момент што не се опишува со зборови можеби ниту со слика, едноставно е врежано во нашата душа и меморија, која што вечно ќе ја носиме во нас. Благословени сме што ве имаме и среќни што ни давате можност нашиот сон музички да го живееме на оваа сцена. Ве сакаме Македонијо, не застануваме тука ова е еден огромен мотив да се докажуваме уште повеќе“.

Гостин на концертот беше и познатиот кавалџија Гоце – Синтезис, виолинистот Виктор Ангелов, како и популарниот пејач Влатко Лозаноски – Лозано. Во првите редови од публиката беше мајката на Стефан и Мартин, која е нивната најголема поддршка.
Во живо и на голема бина тие ги отпеаа нивните најголеми хитови како што се: „Ја излези Ѓурѓо“, „Нешто ќе те питам Бабо“, „Слушам кај шумат шумите“, „Кога падна на пирина“ и уште многу други.
Наредната година дуото заминува на својата прва турнеја во Америка.













