Спасувачките екипи денеска ја продолжуваат потрагата по преживеани од силниот земјотрес што во раните утрински часови на 6 февруари ги погоди источна Турција и Сирија.

Официјални лица велат дека бројот на загинати во двете земји е повеќе од 8.300 луѓе, пишува Радио Слободна Европа.

Спасувачките напори се отежнати од ниските температури и стотиците последователни потреси, кои ја направија работата во нестабилните структури особено опасни.
Во сирискиот град Џиндарис, од урнатините беше извлечено новороденче, сè уште врзано за нејзината мртва мајка.

„Ја исчистивме прашината и го најдовме бебето со папочната врвца, па ја пресековме и братучед ми ја однесе во болница“, изјави роднина за новинската агенција АФП.
Некои од најголемите штети се забележани во турската провинција Газиантеп, каде што стотици згради се урнаа, а блокираните патишта ги попречуваа спасувачките напори.
Преживеаните бездомници, многумина без чевли или топла облека, се мачеа да преживеат на снег и ниски температури.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се очекува денеска да ја посети зоната на катастрофата.
Европската унија обезбеди повеќе од 1.200 спасувачи, вклучувајќи два медицински тима и над 70 кучиња спасувачи.

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека до 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од катастрофата, додека сириската Црвена полумесечина ја повика меѓународната заедница да ги укине санкциите наметнати против владата на сириски претседател Башар ал-Асад за да ги олесни напорите за помош.














