Двајцата се битолчани, вљубеници во фотографијата. Таа за фотографијата се заинтересирала уште од најраното детство кога често ја посетувала импровизираната лабoраторија на нејзиниот татко и стрико, кои интузијастички се занимавале со развивање на филмови и правење на фотографии.Тој учел од неа. Активно се занимава со фотографија три години од кои кулминацијата ја достигнива годинава, благодарејќи како што вели на неа или како што тој ја вика „шефе“. Љубовта кон фотоапаратот и фотографијата ги натера да почнат со нивното катче наречено „Humans of Bitola“. Ивона Кочов и Александар Василески сакаат љубовта кон фотографијата и нивите сограѓани да ги претворат во вечни спомени преку визуелни приказни на нивната страница „Humans of Bitola“.Се сретнавме кај градскиот часовник за да ни ја раскажат нивната приказна.

„Кога се запознавме со Александар мислевме што да направиме за Битола. Почнавме поактивно да фотографираме луѓе, немавме некоја платформа издржана. Софија режисерката ме викна во Охрид да фотографирам нејзина претстави и во спонтан разговор ми рече зошто не направиш некоја страница по теркот на „Humans of New York“ и кога видов за каква страница станува збор реков тоа е кликот и дека тоа ни фалеше со Александар и решивме да ја отвориме страницата за „Humans of Bitola“, вели Ивона Кочов, фотограф.

„Целта на оваа страница е да направиме еден дигитален алманах на Битола и битолчани и да оставиме вечен белег во дигиталната историја на нашиот град, тоа е нашата замисла. Низ секојдневни приказни и фотографии од луѓето што ги фотографираме и од луѓето коишто сами ќе се пријават на нашата страница,“ вели Александар Василески, фотограф.
Со ова нивно катче сакаат да допрат до што повеќе битолчани.Прават уметнички фотографии на кој никој не може да остане рамнодушен. Кочов се сеќава дека на почетокот на 90-тите години почнува да фотографира со обичен аналоген апарат кога се запознава со Атанас Нашоку Саку признат битолски и македонски фотограф од постарата генерација, кој пријатно изненаден од нејзината желба за фотографирање и поклонува апарат Зенит. Како што одела напред дигиталната технологија така таа ги менувала фотоапаратите, за од 2013 година да почне со посериозен пристап кон уметничката фотографија. За само неколку месеци од постоењето на „Humans of Bitola“ голем број на битолчани ја раскажале својата приказна.

„Тие кажуваат своја лична приказна, приказна која не мора да биде автобиографија, може да биде обичен ден, некоја случка, нешто што им го променило животот. Нема правила, тоа е она човечното , сакаме оние кои што никогаш не добиле глас да бидат слушнати. Страницата не е за познати луѓе, туку е страница за сите наши сограѓани да можат да си ја искажат својата приказна, да споделат позитивна порака, животно мото, да охрабрат некој како да преброди некој проблем“, рече Александар.

Ни ги кажаа и нивните планови.
„ Сакаме да изработиме веб страна, да привлечеме што повеќе луѓе, разговараме со експерти од таа област да стигнеме до некој прилив на средства коишто ќе одат во хуманитарни цели и со тоа да го прошириме нашето позитвно влијание“, вели Александар.

Ивона Кочов член е и на Фото Кино Клубот Битола. Нема граѓанин кој не ги знае нејзините фотографии. Добитник е на голем број на признанија, награди и медали како во државата така и од меѓународни натпревари. Александар пак за себе вели дека нема да каже дека е професионален фотограф, бидејќи секогаш како што вели има поле во кое може да се надоградува и да научи нешто ново. Двајцата уметници упатија повик до секој онај кој има желба и сака може да ја раскаже својата позитивна приказна преку фотографија на нивните објективи и да остави траен белег во времето за секојдневието на битолчани, токму на нивното катче „Humans of Bitola“. Ние нашата средба со овие млади битолчани ја завршивме, како поинаку, ако не со фотографија.












