Ќе составам Влада која напорно ќе работи и ќе има мерливи резултати и се надевам дека ќе има можност од утре да положи свечена заклетва за веднаш да започне со работа, порача лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која му го додели мандатот за формирање Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
Со рекордно ниската излезност на вчерашните избори во Грција, најниска во изминатите најмалку 20 години во комбинација со влезот во Парламентот на нови политички сили, речиси сите партии загубија гласови во споредба со изборите на 21 мај годинава, доколку се анализираат официјалните изборни резултати, јави дописничката на МИА од Атина.
На вчерашните парламентарни избори во Грција, Нова демократија доби 40,56 отсто од гласовите, 22,73 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која освои 17,83 отсто, а ПАСОК е на третата позиција со 11,86 отсто
Комунистичка партија доби 7,67 отсто, потоа следат радикалните десничарски партии: Спартанци со 4,67 отсто, Грчко решение 4,45 проценти и Победа со 3,69 отсто.
Вчера, излезноста беше 52,82 отсто, што значи дека речиси половина од граѓаните со право на глас, одбрале да не гласаат.
Доколку се анализираат резултатите и податоците од минатите изборни процеси, од 2004 година до вчера, се забележува тренд на опаѓање на учеството на изборите.
Пред 19 години излезноста беше 76,5 проценти, за на следните осум изборни процеси постепено да се намалува и да падне под 60 отсто, а на мајските избори годинава се зголеми на 61,1 отсто и сега повторно се намали за речиси десет проценти.
Во споредба со мај, вчера гласале речиси 800.000 помалку граѓани со право на глас.
Малата излезност резултираше шест од осум партии што обезбедија место во Парламентот да загубат гласови споредбено со минатиот месец.
Нова демократија загуби речиси 300.000 гласови, СИРИЗА нешто повеќе од 250.000, а ПАСОК околу 60.000.
Од друга страна, радикалната десничарска и националистичка партија Спартанци, непозната во Грција, освои над 240.000 од гласовите, а во подобра позиција е и Победа, исто така десничарска партија, која доби 192.000 од гласовите.
МИА











