Последната вечер на Локум фест беше резервирана за Старата Битолска чаршија каде се случуваше фестивалското „крешендо“. Покрај пешачката улица крај Драгорот, посетителите имаа можност да погледнат ракотворби, да се засладат со локуми, турско кафе, добра храна и радост, а воедно уживаа во мајсторијата на Вевки Амедов и неговите „Јужни звезди“, славејќи ја ромската култура, на задоволство на многубројните присутни кои воодушевени од настапот на овие витруози од битолскиот Баир, повеќе пати ги вратија на бис.

После настапот на Вевки Амедов и неговите „Јужни звезди“, настапија и специјалните гости од партнерскиот фестивал Резонатор од Данска кои со поддршка на MOST music дојдоа во Битола.
Групата „Ypek Yolu“ или патот на свилата е харизматична спојка на традиционална анадолска народна музика и фанк фјужн, музика која има една единствена цел да разигра и опушти.
Традиционално на сите три фестивалски вечери беа присутни ЗУР Македонски ракотоворби , посетителите можеа да пробаат крушевски и битолски локум, и да погледнат бројни презентации на рачно изработени производи.

Фестивалот се реализираше со средства на Министерството за култура, Општина Битола, Амбасадата на Р.Словенија во Скопје, Генералниот конзулат на Р.Грција во Битола, КИЦ Битола како и бројни пријатели и поддржувачи.

Многумина ќе ја наречат ноќ за паметење, ќе ја раскажуваат и со себе ќе понесат спомени кои ќе се пренесуваат од генерација на генерација, градејќи го митот за Битола, онаква каква што ја сакаме.
“Гостите се пакуваат, се испраќаме со добри желби и нови идеи, а нам како на организатори ни останува радоста дека ја постигнавме посакуваната цел- одлична програма и задоволна публика. Токму тоа ни дава морална сила да размислуваме за осумнаесетото издание на Локум фест, кога фестивалот станува полнолетен. Им благодариме на сите оние кои на било кој начин ја поддржуваат оваа традиционална манифестација, а најмногу на битолчани чија насмевка и воодушевување од концертите беше наша најголема награда. Традицијата е жива, Битола е жива! Да сме здрави и живи, се гледаме идната година на Локум фест 2024“, изјавија организаторите.

„Локум фест“ е фестивал што започна пред 17 години во Старата битолска чаршија. Самото име е изведено од конзулската традиција со локум и кафе да се пречекаат соседот, патникот, добронамерникот и е синоним за отвореност, мултикултурност, средба меѓу културите. Всушност, една од главните функции на фестивалот е преку различните музички форми (традиционални и стилизирани, чалгија, „fusion“, „world music“) да се покажат целиот амалгам и раскош на култури, етноси и обележја на конзулска Битола.
Локум фест започна на платото на Офицерскиот дом со промоција на новиот албум на групата „Баклава“после кои настапија гостите од соседна Грција Локсандра ансамблот.Програмата продолжи со Elias ladino ансамблот од САД, како и настапот на познатиот македонско-словенечки мајстор на саксофон Васко Атанасовски и промоција на неговиот албум на балканска музика„Мелем“ .Во програмата беше и соработката со Државниот архив-одд.Битола која донесе прекрасна изложба на фотографии од музичкиот живот на битолските Евреи.
И со ова 17 издание Локум фест ја оживеа Битола, барем за миг ја презентираше традицијата, она на што еден народ и тоа како треба да е горд.












