САД ги повикаа своите граѓани да го напуштат Хаити „што е можно поскоро“ откако насилството ескалира во островската држава минатиот викенд и принуди уште 15.000 луѓе да избегаат поради судирите и вооружените напаѓачи кои упаднаа во најголемиот затвор во земјата.
САД, во кои живеат повеќе од еден милион Хаиќани, соопштија дека Американската амбасада денеска ќе предложи ограничени операции, додека Канада најави дека привремено ќе ја затвори својата амбасада.
На Хаити е прогласена 72-часовна вонредна состојба и воведен е полициски час, а Владата на Хаити најави дека ќе тргне во потрага по убијци, киднапери и други криминалци за кои верува дека избегале од затвор откако бандите ги ослободија речиси сите затвореници мажи, пренесе денеска Би-Би-Си.
Вооружени банди упаднаа во затвор во главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и ослободија голем број затвореници, а повеќето од околу 4.000 ослободени затвореници избегаа, изјави локален новинар за Би-Би-Си. Меѓу затворениците имало и членови на бандата обвинета за убиство на претседателот Џовенел Мојс во 2021 година.
МИА












