Расте цената на какаото на светските берзи, а големите чоколадни компании се соочуваат со потребата од зголемување на цената на 100 грама чоколадо или пак негово „стеснување“ – кога плаќате цена за 100 грама, а добивате 70. Ова е дотолку поважно заради претстојниот католички и православен Велигден.
Чоколадо, обарено немасно млеко, шеќер, какао, брашно од јачмен и витамин Б1-тиамин хидрохлорид. Да се конзумира бавно во време од половина час и доколку е потребно да се раствори во врела вода и да се конзумира како пијалак.
Ова е првиот рецепт на чоколадото кое на децата од Втората светска војна им го давале американските војници, произведено од американската компанија Херши. А приказнава е важна затоа што токму Херши и првата компанија која во светот жестоко реагира на проблемот со порастот на цената на какаото и бара глобална реакција за промена.
Според последните информации од берзата на овој производ, цената од 2022 година до првата третина на 2024 година е 130% повисока со тренд на уште поголем раст. Од 9 илјади долари за тон какао, за два дена цената стигна 10 илјади. Херши ги зголеми цените за 11%.
Големите компании тврдат дека се заштитени со залихи, но предвидувањата на експертите се дека проблемите и климатските промени кои ги погодија Брегот на Слоновата Коска и Гана – двете учествуваат со 60% во светското производство на какао, подразбира дека проблемот ќе потрае.
Ова се случува во моменти кога светот ја очекува најголемата продажба на производите од какао. Доаѓа нов голем верски празник кај христијанскиот свет од двете хемисфери и календари – Велигден.
Според експертите за време на празници, продажбата на чоколадни производи и материјал за подготовка на разноразни колачиња и слатки во домашни услови се зголемува 57% повеќе од секојдневната непразнична. Кога на берзата се купува помалку или поскапо какао, истовремено се купува и помалку и поскап шеќер. А ова подразбира дека крајните корисници – купувачите на чоколади и други слатки производи ќе имаат недостаток на понуда или повисоки цени на своите омилени слатки задоволства.
Или пак „стеснување“ на чоколадите – наместо 100 грама, 70. Или, наместо 16-тина видови, домаќинките ќе мора да ја преполоват понудата на велигденските колачиња.
А тоа е важно од многу други аспекти: чувството на вредност на домаќинките, чувството на задоволство што го произведува чоколадото, чувството на радост кога си подарувате чоколадо.












