Машката ракометна репрезентација на Македонија на гостувањето во Торшавн загуби од Фарски Острови со 34-27 (18-14) во првиот натпревар од бараж двомечот за пласман на Светското првенство. Седумте гола негатива ја отежнуваат позицијата на македонската репрезентација пред неделниот реванш во Скопје и го ставаат во голема неизвесност пласманот на СП 2025. Сепак, на домашен терен Македонија со поддршка од гледачите се трансформира и може секого да победи.
Најефикасен во македонскиот состав беше Филип Кузмановски со осум гола, Марко Митев и Никола Костески постигнаа по пет, а четири погодоци без ниедно промашување имаше Милан Лазаревски.
Реванш натпреварот од бараж двомечот за пласман на Светското првенство се игра в недела од 19:00 часот во Скопје.


















