Листата „Александар Вучиќ – Белград утре“ освои најмногу гласови на изборите за градското собрание на Белград, за која гласале 53 отсто од избирачите, покажува проценката на резултатите од гласањето објавени од ИПСОС и ЦеСИД врз основа на 56,3 отсто од обработените примероци, пишува Радио Слободна Европа.
Според овие податоци, изборната листа на движењето „Крени-промени“ освои 17,1 отсто од гласовите, додека на трето место е опозициската коалиција „Го бираме Белград“, за која гласале 12,5 отсто од избирачите.
На четврто место е листата „Ние сме силата на народот, проф.д-р Бранимир Несторовиќ“ со освоени 8,1 отсто од гласовите.
„Неверојатно убедлива“ победа во Белград и Нови Сад, Коалицијата околу Српската напредна партија ќе има 63 од вкупно 110 мандати во Собранието на Белград, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Во Белград нашата листа ќе има 52 отсто од гласовите од оние што излегоа, што е неверојатна победа“, рече тој.












