За исто работно место различна плата во институциите во јавниот сектор, вели најновиот извештај на државниот завод за ревизија И укажува на целосна несреденост во платите кај државната администрација во министерствата и другите институции. Јавната администрација нема плата според порастот на трошоците на живот.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на усогласеност на тема „Плати и додатоци на плати на административните службеници во Република Северна Македонија“, со која се опфатија платите и додатоците на плати на административните службеници за период од 2021 до 2023 година. Според денеска објавеното соопштение, вработените во министерствата имаат најниски плати во државата.

Па така, највисоко платената административна функција е нивото државен советник. Тој во министерствата во јуни лани ( и годинава) добивал 68.617 денари. Истото ниво во судски буџетски совет добива 75.353, во Управата за јавни приходи 76.160 денари, ва царинската управа83.441 денари, во Собрание 86.483 денари, а во Регулаторната комисија за енергетика државниот советник добива 108.763 денари. Во Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги и во Комисијата за хартии од вредност нема државен секретар, највисоките административно позиции се реаководител на сектор. Па во Комисијата за хартии од вредност раководителите се платени 103.200 денари, а во медиумската агенција раководителот на сектор добива 124.848 денари.
Со ревизијата биле утврдени разлики во висината на платите за исти работни места во различни институции. Ова било резултат на различните законски и колективни договори врз основа на кои се утврдува висината на бодот на административните службеници.
Платите во министерствата се најниски, бидејќи се уредени според Законот за административни службеници, додека во другите институции платите се уредени на начин различен од наведениот закон со што се создаваат разлики во платите за истиот вид на работни места.
Иако Законот за исплата на платите овозможува месечно зголемување до 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, со ревизијата утврдивме дека во период од 2021 до 2023 година и покрај тоа што стапката на трошоците за живот е зголемена од 0,1% до 2,8%, не е извршено месечно зголемување на платите од 50% од остварената стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, во рамките на обезбедените средства.

Исто така, констатирано е дека иако законската рамка дозволува исплата на додатоци за прекувремена работа и прилагодување кон пазарот на труд, додатокот за прекувремена работа се исплаќа во само 26 од 36 институции, додека додатокот за прилагодување на пазарот на труд не се исплаќа во ниту една институција. Ова уште повеќе создава разлики висината на платите меѓу административните службеници и упатува на потреба за хармонизација на исплатата на додатоците, како што е предвидено во законската регулатива.
Ревизијата истакнува дека во јули 2023 година донесен е Општ колективен договор за јавниот сектор, каде пресметката на бруто плата е утврдена како производ од просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место со примена од 01.03.2025 година.
Државниот завод за ревизија предлага усоласување на Законот со општиот колективен договор, особено поради фактот дека во моментов во Собранието има предлог измени со кој основната плата се состои од висината на образованието, нивото и стажот, а вредноста на бодот се утврдува секоја година од страна на владата.












