ТЕРА

REKLAMA???

МИЦКОСКИ: НЕ МОЖЕ НИКОЈ ОД ВАС ДА ИМА ПРИВАТНИ БИЗНИСИ И ДА ВОДИ ИНСТИТУЦИИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната свеченост по повод 34 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ насловена „34 години ВМРО-ДПМНЕ, 131 година ВМРО, завет, слобода, иднина, продолжуваме” истакна дека подава рака кон СДСМ за дијалог за сите крупни прашања за државата.

„Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните”, посочи Мицкоски.

Претседателот Мицкоски повика на македонско национално единство за сите важни прашања за државата, но истакна дека тоа никако не треба да е разбрано за амнестирање од одговорноста за криминалите.

„Македонија треба да ја вратиме на народот. Да носиме инвестиции, жилаво и напорно да се бориме да го покачиме животниот стандард. Македонија да ја менуваме кон подобро. За вас, за тебе, за вашите поколенија. Преку крупни и силни реформи да покажеме дека Македонија е на народот, не на кликите, елитите и групите кои ја крадеа и парчосуваа.

Нема тајни формули, лажни верувања или суеверија. Рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност. Никој од вас овде во салата не смее да застрани.

Не ја прифаќам тезата нормално барем еден да застрани или скршни. Одговорот е дека и тој еден веднаш ќе биде сменет. И при таква ситуација не само што силно ќе ме разочарате, ќе го разочарате народот кој ни даде историски најголема поддршка. Немаме никакви сто дена грејс период, ниту медени месеци, немаме ниту 100 минути. Јас не верувам во такви оправдувања. Мора напорна работа од првиот час, и првиот ден.

Не може никој од вас да има приватни бизниси и да води институции. Или едното или другото. Треба да се одлучите. Службата кон народот бара откажувања. Нема политички бизнисмени ниту бизнис политичари.

Однесувајте се одговорно. Немојте никогаш да останете недостапни за реалниот човек, оној кој го среќававме по пазарите, улиците и малата. За нив вреди да се бориме и да ја вратиме Македонија. Ќе добиете привилегии кои ви ги нуди позицијата, кон сето тоа однесувајте чесно и со голема грижливост и без расипништво. Затоа што тоа му припаѓа на народот, а вашите привилегии не ве прават посебни, туку треба да станете поодговорни затоа што сето тоа е повторно ќе ви кажам е на народот. Ќе треба во народот да гледаме со широко  отворени очи и подигната глава, затоа што вашиот неуспех би бил заеднички срам, неуспех нема да толерирам.

Не заборавајте од каде почнавме и колку беше тешко да се издигнеме. Малкумина беа кои веруваа со мене на почетокот, но успехот беше што ја ширевме таа наша верба. Денес ВМРО-ДПМНЕ е најсилната политичка сила што е голема одговорност.

Мора да се работи чесно, транспарентно и отворено. Работете според законот и правилата. Бидете скромни и чесни.

Рузвелт рекол – среќата не се состои во поседувањето на пари и богатство, туку во задоволството да се постигнува успех, и радоста да се остваруваат креативни цели“ рече меѓу другото Мицкоски.