Македонска државјанка која загина во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Егнатиа во правец кон Солун имала 29 години, информираат од Министерството за надворешни работи.
„Во 12 часот (локално време), на автопатот Егнатиа, во Република Грција, се случила тешка сообраќајна несреќа, во која за жал, државјанка на Македонија родена 1995 година, го изгуби животот“ велат од МНР.
Претставниците на Генералниот конзулат на Македонија во Солун, кои од времето на настанатата трагедија биле во контакт со блиски на жртвата, остануваат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките на починатата во земјата.
Воедно, од министерството информираат и дека засегнати се и три наши државјанки, сопатници на починатата, две од нив родени 2000 година, кои добиле тешки повреди и уште една родена 1999 која не е повредена, при што две се хоспитализирани, се наведува во соопштението од МНР.
Генералниот конзулат, како што посочуваат од МНР, останува во постојана комуникација со надлежните институции и на располагање на повредените наши државјанки и нивните семејства при евентуална потреба за помош, до нивното враќање дома.
Вчера државната агенција МИА информираше дека возилото се движело по автопатот Егнатиа накај Солун, а тргнало од Битола.












