Сосема случајно на новинарите од светот паралелно со информациите за конвенцијата на американската Демократска партија и претседателската кандидатура на Камала Харис им се наметна темата за женски лидери во Европа. И , зачудувачки, Балканот е најевропски кога се зборува за жени во политиката.

Македонската претседатeлка Гордана Силјановска Давкова го зголеми рејтингот на жените политичари во светот и ја збогати листата жени политичари на високи државни раководни функции со што балканските земји / или поранешните југословенски ги надминаа нордиските и балтичките европски земји кадешто жените ја кројат државната политика.
Македонија, Словенија, Косово, и Грција во моментов имаат жена претседател. И премиерот на Босна и Херцеговина е жена. Ова европско однесување не се рефлектира на европскиот континент во моментов. Овие Балканки имаат само четири свои колешки Европејки: Џорџија Мелони во Италија, Мете Фредериксон во Данса, Евика Силиња во Летонија и Ингрида Шимоните во Литванија.

Во списокот Европа не смее да се занемарат уште три други жени кои ја креираат европската политика : Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија, Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент и Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка. Треба ли повеќе сила во женски раце – го имаат парламентот и парите.

Повеќето од овие жени имаат искуство во правни студии или правна професија. Претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова е професор по право, косовската претседателка Вјоса Османи е правен академик, а грчката претседателка Катерина Сакеларопулу е судија. Босанската премиерка Борјана Кришто, исто така, има диплома по право, а премиерката на Летонија, Евика Силиња, претходно работеше како адвокат.

Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар е адвокат, која ја застапувала Меланија Трамп во некои тужења. Мелони е јазичарка со дипломирани техничко-технолошки студии, данката Мете Фредериксен е дипломирала Социјални науки и администрација а магистрирала Австриски студии, Ингрида Шимоните е дипломиран економист.

Само 15 земји во Европа досега никогаш немале избрана жена лидер ниту за премиер ниту за шеф на држава: Албанија, Андора, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Кипар, Чешка, Лихтенштајн, Луксембург, Монако, Црна Гора, Холандија, Русија, Шпанија и Ватикан.













