Хезболах денеска објави дека бројот на загинати од пејџер експлозија во јужен Либан се искачи на 12, откако уште тројца оперативци на групата им подлегнаа на повредите, пишува „Тајмс оф Израел“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ги осуди експлозиите на стотици пејџери во Либан, при што загинаа најмалку 11 лица, опишувајќи ги како „терористички акт“ за кој, според него, е виновен Израел, пренесува ДПА.
Израелската армија претходно денеска соопшти дека нема да коментира за инцидентите со пејџерите.
Синоќа беше соопштено дека најмалку девет лица загинаа, а уште околу 2.800 се повредени, вклучително и членови на Хезболах, во сомнителни координирани експлозии на пејџери во неколку либански региони, главно во области под контрола на Хезболах.
Извор близок до Хезболах изјави за ДПА дека детонациите, кои се случија во различни региони низ Либан, се голем „удар за безбедносниот апарат на Хезболах“.












