Екипата на Јенимаале од Битола која се натпреварува во Општинската лига на ОФС Битола денес се покажа како одличен домаќин и организатор на натпреварот од шеснаесет финалето од фудбалскиот Куп на Македонија.
Во Битола ја пречека Шкендија и загуби со 0-5 (0-4), во натпревар пред 500 гледачи на „Петар Милошевски“.
Јенимаале е клуб на млади луѓе кои го репрезентираат култното маало во Битола. Сите живеаат во овој дел на градот и градат приказна на домашни фудбалери како Атлетик Билбао. Откако го освои Купот на Општинскиот фудбалски сојуз – Битола, Јенимаале очајно посакуваше големо име во ждрепката и среќата му се насмевна.
Натпреварот против Шкендија донесе продажба на билети, ВИП-билети, а за оние кои не можат да дозволат да платат, секако дека влезот е бесплатен. Јенимаале по многу нешта е посебен клуб. Сите фудбалери и оперативци во клубот се млади луѓе и имаат други професии. Но ги спојува фудбалот и нивното маало.
Јенимаале има нови клупски простории, официјална веб-страница, модерни дресови, документарен филм, а секоја сезона ја завршува со клупска забава и избор на најдобрите во шампионатот.
Покрај натпреварите од Општинската А лига, Јенимаале низ сезоната организира меѓународни турнеи и досега играше пријателски натпревари со нисколигаши од Србија и Хрватска.



















