Се урна настрешницата на железничката станица во Нови Сад, а се претпоставува дека има загинати и повредени, јави дописникот на МИА од Белград.
Настрешницата се урна на пладне, а на лице место пристигнати се два багери за да ги откопаат урнатините, додека седум екипи на брзата помош и три противпожарни возила се на терен.
Станува збор за настрешница која се наоѓа над влезната врата во зградата на станицата.
Настрешницата не беше предмет на реконструкција како дел од работите на реновирање на зградата на станицата како дел од градежниот проект на брзата линија Нови Сад – Суботица, информираат од Железничката инфраструктура на Србија.
Сообраќајот на железничката станица во Нови Сад е во прекин, а возовите сообраќаат од правец на Белград до станицата Петроварадин.
Железничката инфраструктура на Србија жали за несреќата што се случи, а причините и секој нов детал од истрагата ќе бидат соопштени веднаш, се заклучува во соопштението.












