Одлуката на претседателот на САД, Џо Бајден, да ѝ дозволи на Украина да напаѓа цели длабоко во територијата на Русија со ракети со долг дострел предизвика жестока реакција од руската страна, јавува BBC.
„Американскиот претседател во заминување донесе една од најпровокативните и најризични одлуки на својата администрација, со потенцијал за катастрофални последици,“ напиша рускиот провладин весник Росискаја Газета.
Руските официјални лица остро го осудија потегот на САД. Пратеникот Леонид Слуцки предупреди дека ова може да доведе до „сериозна ескалација со опасни последици“, додека сенаторот Владимир Џабаров го нарече потегот „преседан кој води кон Трета светска војна“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека ако одлуката биде потврдена, тоа ќе значи „нова спирала на тензии“ и нова фаза на американско вклучување во конфликтот. Кремљ претходно предупреди дека дозволувањето на Украина да користи ракети со долг дострел за напади врз руска територија ќе се смета за директно вклучување на НАТО во војната, со можни промени во руската нуклеарна доктрина.












