Висок офицер на НАТО во понеделникот ги повика бизнисите да се подготват военo сценарио и да ги прилагодат своите производствени и дистрибутивни линии, за да бидат помалку ранливи на уцени од земји како што се Русија и Кина, јавува Ројтерс.
„Ако се осигураме дека сите важни услуги и производи можат да бидат доставени без оглед на околностите, тоа е клучен дел од нашето одвраќање“, изјави претседателот на воената комисија на НАТО, холандскиот адмирал Роб Бауер, во Брисел.
Говорејќи на настан организиран од Европскиот центар за политика, тој нагласи дека одвраќањето не се однесува само на воената способност, туку дека сите достапни средства ќе бидат искористени во случај на конфликт.
„Тоа веќе го гледаме преку зголемениот број на саботажи, а Европа тоа го доживеа со проблемите во снабдувањето со енергија“, рече Бауер. „Мислевме дека имаме договор со Газпром, но всушност имавме договор со г. Путин. Истото важи и за инфраструктурата и стоките во сопственост на Кина. Во реалноста, имаме договор со Џинпинг.“
Бауер истакна дека Западот во голема мера зависи од снабдувањето од Кина, која произведува 60% од ретките материјали и 90% од нив ги обработува таму. Тој дополнително објасни дека хемиските состојки за седативи, антибиотици, анти-инфламаторни лекови и лекови за низок крвен притисок исто така доаѓаат од Кина.
„Ако мислиме дека Комунистичката партија на Кина никогаш нема да ја искористи својата моќ, ние сме наивни. Лидерите на бизнисите во Европа и Америка треба да разберат дека нивните комерцијални одлуки имаат стратешки последици за безбедноста на нивните нации“, нагласи Бауер.
„Бизнисите мора да бидат подготвени за сценарио на војна и да ги прилагодат своите производствени и дистрибутивни линии. Зашто, додека воените сили можеби ги добиват битките, економиите се тие што ја добиваат војната.“
Фото: prinscreen/Youtube












