ТЕРА

REKLAMA???

3ти ДЕКЕМВРИ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

На 3 декември, започнувајќи од 1992 година, се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со цел подигнување на свеста за правата на овие лица. Овој ден има за цел да ја истакне важноста на инклузивноста и да се поттикне промена на перспективата во однос на попреченоста, преку примената на човековите права. Според проценките, 15% од светската популација, или повеќе од 1 милијарда луѓе, живеат со попреченост, што бара поголема посветеност на сите чинители за создавање на свет во кој овие лица ќе уживаат еднакви права и можности.

Како што нагласуваат Обединетите нации, Меѓународниот ден на лицата со попреченост е можност за повторно афирмирање на заложбите за изградба на одржлива, инклузивна и праведна иднина за сите. Од една милијарда луѓе со попреченост, 80% живеат во земјите во развој. Повеќе од 46% од постарите лица на возраст од 60 години и повеќе се со некоја форма на попреченост. Исто така, една од пет жени и едно од десет деца имаат попреченост во текот на својот живот.

Лицата со попреченост се меѓу најтешко погодените од пандемијата на КОВИД-19, а според податоците на Светската здравствена организација, стапката на инвалидитет постојано се зголемува, поради стареењето на населението, глобалниот пораст на хронични здравствени состојби, како и војните.

Во Република Македонија, се проценува дека околу 200.000 лица, или 10% од населението, живеат со инвалидитет. Вклучувањето на овие лица во сите сфери на животот е од суштинско значење не само од социјален и хуманитарен аспект, туку и од економски причини. Соодветната здравствена и социјална заштита на лицата со посебни потреби треба да биде приоритет во секое организирано општество, бидејќи нивното вклучување е основен услов за почитување на човековите права, одржливиот развој и глобалниот мир и безбедност.

Фото: pexels