ТЕРА

REKLAMA???

БИТОЛСКАТА НУ УНИВЕРЗИТЕТСКА БИБЛИОТЕКА „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ГО ОДБЕЛЕЖА ПАТРОНИОТ ПРАЗНИК

Најавена како предјубилејна,  средба со повод, Националната Установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола го одбележа патронатот. На свечената академија што се одржа во свечената сала на библиотеката присуствуваа  пратеници, градоначалниците на Новаци и Могила, претставници на Преспанско-Пелагониската Епархија, советници од Советот на општина Битола, библиотекари и  граѓани – љубители на пишаната реч.

Присутните ги поздрави пратеникот Пеце Милевски, рече –  Можеби најмалку може да зборувам покрај сите вас кои создавате во ова време, само ќе честитам. Се надевам дека со нова енергија на младите и искуството на возрасните ќе создаваме читатели, посетители, многу случувања во библиотеката. Македонија е лулка на писменоста, за тоа говорат ракописите од 9 до 11 век од Свети Климент Охридски. За нас како православни Македонци тој е најголемиот. Ако тој / тие од тоа време создавале и одолевале на искушенијата, да се обидеме богоугодно да живееме, да создаваме добри дела за секого од нас.

Поздравна реч имаше и в.д директорот Менде Доневски. Се осврна на неколкуте компоненти од животот на Свети Климент Охридски.

На свечената академија беа промовирани три изданија на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – „Библиографија на библиотечен тренд (2003 – 2023)“, за која составувачи и уредници се библиотекарките Гордана Печевска и Ленче Андоновска, „Зборник“ од 19 роднокрајна средба на битолските писатели во Македонија и списанието на Библиотеката – „Библиотечен тренд“.  Сите овие, ги промовираше д-р Николче Вељановски.

Значењето на работата на Св. Климент Охридски го потенцираше доц.д-р Анита Ангелевска – Кирилометодиевистиката означува период од 9 век, раѓање на една словенска цивилизација, а Св. Климент е еден од генерацијата на светите  Кирил и Методиј кој е најплоден, го обединува периодот кога духовното просветлување на македонскиот народ се случува паралелно со ширење на писменоста, просветителството, а се работи за огромен географски простор на протегање и огромно влијание.

Во чест на св. Климент Охридски актерот Петар Горко низ драмска изведба ги пренесе присутните во претпоставената средина и околности на Климентовото време, а вниманието на присутните го задржаа и музичките изведби на ученици од Државното музичко училиште.

Во пресрет на 8 декември, празникот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ -Битола, во холот е поставена изложба на книги насловена „Св. Климент Охридски – живот и дело“.