Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка од премиерската функција. Како што рече, неговата оставка е неотповиклива.
Тој рече дека претседателот на Србија Александар Вучиќ ја прифатил неговата одлука и неговите аргументи.
„Почитувани граѓани, кога го добив мандатот за формирање влада на крајот на април минатата година, имав силно чувство на гордост. Се обидов да ја сфатам одговорноста на таа работа – рече Вучевиќ, додавајќи дека себеси се гледал како дел од политиката на континуитет на претходната влада на Ана Брнабиќ.
Како што вели, горд е на сето она што беше направено во претходните девет месеци заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Говорејќи на денешната вонредна прес-конференција, Вучевиќ рече дека одлуката ја донел по синоќешниот напад врз студентите во Нови Сад, во кој неколкумина беа повредени.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера повика на „најитна и масовна реконструкција на владата“.












