„После 4 години разочарувања, доаѓа крајот на работењето на Тони Коњановски за тебе-мене, за мала група луѓе, за ВМРО-ДПМНЕ! Битола ќе избере градоначачник што го става човекот пред сѐ“ вака денеска од партиската говорница од централата во Скопје се обрати претседателот на битолската СДСМ и кандидат за градоначалник на Битола, Методија Куновски.
„Четири години битолчани се сведоци на недомаќинлук, аздисаност, лицемерие. Раскопани, небезбедни, калливи и нефункционални улици. Денес се асфалтира, утре се прекопува, пак се асфалтира и одново се прекопува. Четири години слушаме изговори наместо одговори кој го промашил кружниот тек кај Ветеринарната, улицата Бурса, улицата Стив Наумов и многу други. Никој за ништо не одговара!
За 4 години, Коњановски ја претвори Битола во град – загубар. Јавните претпријатија се во долг од над 3 милиони евра, а една нова лопата не е купена. Укинати се слободните 15 минути паркинг, а нови паркинг места нема. Најблиската катна гаража во Битола, е во Прилеп“ рече меѓу другото Куновски.
Според него и она што СДСМ го изградила во минатите години, ВМРО-ДПМНЕ го уништила.












