„Македонија слободна“ е последната мисла и искажани зборови на македонскиот револиционер, борец за слободна, автономна, независна Македонија, Александар Турунџев на 30 август 1905 година, точно 120 години пред поставуавњето на неговиот споменик. Така говори усната историја од граѓаните сведоци и учесници во отпорот што Турунџев го организираше низ битолско и леринско со востаници кои ги обучувал и организирал непосредно пред одлуката на илинденците да се крене Илинденското востание.

Востаничките напади што ги правел со својата чета во селата на битолско и тогаш леринско го потврдија македонското национално будење и по крахот на Крушевската република. Историјата содржи архивски материјали и го потврдува и злосторничкиот притисок врз населението, и попуштањето пред тој притисок на многумина од окупираното население. Па така, и Александар Турунџев бил предаден од припадник на локалното население, паднал во рацете на османлискаа војска, османлискиот суд во Битола експресно го осудил на смрт со бесење. Заробен бил со уште еден војвода, којшто бил осуден на доживотна робија. А Турунџев на смрт, со јавно бесење. Како потврда дека тој е еден од апостолите на тоа што денеска политиката го нарекува македонизам. И тогаш и сега потврдено од неговите следбеници.

Благој Турунџев е правнук на големиот револуционер. Беше трогнат и воодушевен од народот кој присуствуваше на откривањето на споменикот.

„Токму на денот на погибието пред 120 години, на овој 30 август, Битола ја исправи својата вечна должност и му подари споменик на Александар Турунџев“, порача градоначалникот Коњановски. Денот за битолските општински власти започна со панихида на вечното почивалиште на револуционерот кој се вели дека на своето судење им кажувал на своите џелати дека сака Македонија да биде слободна, дека ќе го убие султанот, а фесовите што сите морале да ги носат, да ги замени со шапки. Турската влада го осуди Турунџев за неговата дрскост и неговото предизвикувачко држење спрема судот и власта, и поради навредливите зборови искажани пред судот на адреса на султанот“ – пишува во текстови посветени на смртта на Александар Турунџе, главно од грчки извори. Но имајќи на ум дека песните во тоа време имаат биографска содржина, песната „Црно му било пишано“вели дека Османлиите 16 години не можеле да се справат со идеите, харизмата и силата на Турунџев.

Македонија денес не е окупирана, независна е и слободна. И семејствата чии предци се наши национални херои имаат право да бидат најстроги критичари. Благој Турунџев имал денови кога се прашува дали неговиот прадедо залудно го загубил животот затоа што Македонија е слободна но не и оди многу добро. Но, вели , секогаш е време за нови почетоци за да биде подобро.

Чествувањето на 120 годишнината од смртта на големиот револуцинер и војвода Битола го направи со почесна поворка по патеката на смртта што тој ја минувал на 30 август 1905 година. На почеток граѓаните се собраа пред пред ОУ „Ѓорги Сугарев“, местото каде Турунџев бил затворен, каде беше развиорено македонското знаме од млади момчиња облечени во комитска носија, членови на КУД „Илинден“ Битола.

Поворката беше придружувана со блех музика и групата Љубојна како и младите зурлаџии и тапанџии од АФ „Гоце Делчев“ Битола, а предводник на поворката беше коњаницата „Костурска чета“. Бројни граѓани се приклучуваа на поворката која се движеше низ Плоштадот „Магнолија“, покрај реката Драгор до Ат Пазар каде и беше погубен војводата, па се новиот кружен тек каде е поставен споменикот на историската личност Александар Турунџев.
На сцената македонската државна химна ја отпеа правнуката на Турунџев, певицата Сузана Турунџиева, а оперскиот пејач Игор Дурловски во аранжман на Николче Мицевски ја изведе песната посветена на војводата Турунџев – „Црно му било пишано“.


















