Децата спаѓаат во една од најранливите категории кога станува збор за загадувањето на воздухот. Оттука, сите препораки укажуваат на тоа дека треба да се преземат мерки за нивна заштита од загадениот воздух.
На 19 декември Министерството за образование и наука објави Препораки за подобрување на квалитетот на воздухот и справување со загадување на воздухот во основните и средните училишта.
Колку оваа проблематика е важна покажува и тоа што денес УНИЦЕФ го поздрави неодамнешното усвојување на сеопфатни протоколи насочени кон подобрување на квалитетот на воздухот во училиштата, како и јасни препораки за акција во услови на зголемено загадување на воздухот.
Како што велат од таму, прифаќањето на овие препораки следи по неодамнешното усогласување на националниот индекс за квалитет на воздухот со Европскиот индекс за квалитет на воздухот и доаѓа во критично време, бидејќи нивото на загадување на воздухот во Скопје и другите региони и понатаму претставува сериозен ризик за здравјето, особено за децата.
Битола исто така спаѓа во регионите со високо загадување на воздухот. Мерните станици најчесто покажуваат дека квалитетот на воздух е лош, односно загадувањето е високо.
Што треба да се преземе во такви услови?
Препораките на министерството се:
-Избегнувајте активности на отворено (физичко воспитување, спорт, трчање, игра во училишниот двор).
-Активностите да се одвиваат во затворен простор, а долги или интензивни физички активности да се одложат.
-Следете ги сите ученици за симптоми поврзани со загадувањето на воздухот како главоболка, отежнато дишење, кашлање, мачнина; и иритација на очи, нос, грло.
-Прочистувачите за воздух треба да работат со силен интензитет.

Насоките за училиштата беа изработени од Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство, Министерството за животна средина и просторно планирање и други партнери, со поддршка од Обединетите нации.

Тие ги одразуваат Политиките и препораките на УНИЦЕФ за заштита на децата од штетните ефекти на загадувањето на воздухот и неговото влијание врз здравјето на децата во рамките на националните процеси на планирање и донесување одлуки.

















