На денешен ден, 25 јануари 1981 година, е роден Тоше Проески, најголемата балканска музичка ѕвезда и македонски пејач чиј музички опус и хуман ангажман го направија една од најзначајните личности на современата македонска култура. До крајот на животот одржа бројни хуманитарни концерти, а неговиот последен голем настап се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, посветен на поддршка на образованието.
Професионалната музичка кариера ја започнува во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде што победува со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапува и на „Макфест“ со композицијата „Пушти ме“, со што го привлекува вниманието на пошироката јавност. Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означуваат неговиот ран подем, а пресвртна точка во кариерата му е настапот на Скопскиот фестивал во 1999 година со „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.
Деби-албумот „Некаде во ноќта“ го објавува во 1999 година, по што следи период на интензивна продукција и концертна активност. Во 2000 година учествува на „Скопје фест“ со песната „Солзи прават златен прстен“, а истата година го промовира и албумот „Синот Божји“.

Во следните години неговата кариера добива регионална димензија, со изданија на македонски, српски и други јазици.
Посебно значаен момент во неговиот професионален развој е победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, што го позиционира како една од водечките поп-ѕвезди на Балканот. Во 2004 година ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, и го освојува 14. место во финалето.
Тоше Проески трагично загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.

















