ТЕРА

REKLAMA???

Македонски еколози открија два нови растителни вида

Идентификувани се два нови растителни вида, Euphorbia skopjensis и Euphorbia balcanica, соопшти Македонското еколошко друштво.

Истражувањето е реализирани како дел од програмата за поддршка на млади еколози „Д-р Љупчо Меловски“ на Македонското еколошко друштво. Беше спроведено истражување за морфолошката и геномската разновидност на растителната група Euphorbia glareosa на територијата на Македонија и споредба на локалните македонски популации со оние од Бугарија, Романија и Турција.

Истражувањето, раководено од Ангела Шаровиќ Иванова со Иван Арсов како помлад учесник, покажа висока геномска варијабилност на таксоните од групата Euphorbia glareosa во четири испитувани земји, што ја истакнува важноста на регионот и ја потврдува широко прифатената теза дека Балканскиот Полуостров претставува „жешка точка“ за видов диверзитет.

Со материјалот обезбеден во рамките на проектот, преку анализа на морфологијата и податоци за големината на геномот, како и со дополнителните молекуларни анализи, беа идентификувани два нови вида за науката: Euphorbia skopjensis – ендемичен за скопскиот регион; и Euphorbia balcanica – субендемичен вид кој се среќава во Македонија, Албанија и Косово.

Препознавањето на овие видови ја отвора можноста за нивна заштита и зачувување на биолошката разновидност во регионот. Дополнително, проектот обезбеди цврста основа за идни истражувања, вклучително и модерни молекуларни анализи, кои може да помогнат во разјаснување на таксономскиот статус и филогенетското потекло на останатите популации со уникатни геномски варијанти.