ТЕРА

REKLAMA???

Нефункционалниот систем создава монструми!?

Постојат вести што не се читаат. Се трпат. Ти стојат во градите како камен и не знаеш што прво чувствуваш. Гнев, тага или срам. Таква е веста за шестоодделенката од Скопје која била тепана, горена со цигари и понижувана до степен да се изгуби човечноста. Чувставата се уште посилни кога оваа слика ќе се спои со онаа од пред еден месец кога јавноста дозна дека лице, вработено како психолог во училиште во нашиот град е осомничено за производство и дистрибуција на детска порнографија. Значи, лице кое треба да им помага на децата да растат здраво и безбедно, да ги лоцира нивните ранливости и проблеми, да ги препознава нивните стравови и да ги штити, е осомничено за тешки злоупотреби, токму на деца. Како доброволно да си го пуштил волкот во стадото. И тука може слободно да се констатира дека токму таму каде што децата треба да се најбезбедни, системот сериозно потфрлил. Тогаш, се отвораат прашањата каде потфрливме и кој треба да одговара?

Ние, како општество, сакаме да веруваме дека училиштето е безбедно место. Дека таму, освен математика и граматика, се учи и што е добро, а што не. Но, серија несреќни настани говорат дека воспитната компонента се изгубила некаде по пат. Имаме правилници. Имаме стратегии. Имаме работни групи. Но, очигледно немаме здрава средина, здрава младина. Каде лежи проблемот? Во наставниците кои често се оставени сами на себе, без поддршка, без обука како да препознаат и спречат ескалација? Во стручните служби кои се преоптоварени или сведени на административна улога? Во инспекциите доаѓаат кога веќе е доцна? На крајот, одговорноста се разлева и никој не е виновен.

А, ваквите појави не се нешто што не може да се спречи. Постојат конкретни мерки што системот може да ги преземе. Од задолжителни и редовни психолошки евалуации на ученици со ризично однесување, преку вистински проверки и континуиран надзор на кадарот што работи со деца, па јасни и брзи протоколи за реакција при врсничко насилство, со конкретни санкции, се до вклучување на родителите како партнери, не како публика. Ова не се „големи реформи“. Ова се основни обврски на систем што треба да ги штити децата. И ако тие не функционираат, тогаш системот не ја врши својата најосновна задача.

Но, вистината е и оваа. Ниеден систем не може да го замени она што треба да започне дома. А, дома сме уморни. Дома сме на телефони. Дома „немаме време“ за разговори што не се удобни. И полека, тивко, без да забележиме децата почнуваат да растат без контрола. Не затоа што родителите не ги сакаат. Туку затоа што љубовта не е доволна ако не е придружена со присуство, граници и пример.

Факт е дека ниту едно дете не смее да се плаши да оди на училиште. Ниту едно дете не смее да мисли дека понижувањето е нормално. Ниту едно дете не смее да остане само во својот страв. Ако тоа се случува, тогаш не потфрлило детето. Потфрливме сите ние. Како поединци, како општество, како држава, како систем. И време е да си го признаеме тоа.