ТЕРА

REKLAMA???

Келнери, собарки, готвачи: дали Хрватска навистина е подобра од Македонија !?

Летото е вообичаена сезона кога многумина од Македонија заминуваат на работа во Хрватска. Но, освен собарките, сите други од секторот ХОРЕКА-прегоруваат и споредуваат – платите и во Македонија им се сега слично високи, а придонесите им течат – само нема море.

Сѐ поголем број македонски келнери, готвачи и хотелски работници заминуваат на сезонска работа во Хрватска, привлечени од повисоките плати и побарувачката за кадар во туристичкиот сектор. Според официјални податоци од хрватските институции, само во 2025 година биле издадени околу 12.000 работни дозволи за македонски државјани, додека туризмот и угостителството остануваат сектор со најголем број ангажирани странски работници. Трендот е во пораст. Хрватска Статистика за 2026 година вели дека државата и натаму има сериозен недостаток на кадар, а туризмот и угостителството остануваат сектор број еден за вработување на странци.

Официјалната процедура трае по три месеци, и, иако има и злоупотреби и измами, нашите кувари, келнери и собари веќе ги пакуваат куферите за тримесечна печалба во поранешната југословенска република, кадешто Македонците се „на бауштели“ (жаргонски за градежниците) или работат „доле на мору“.

Сепак, зад приказните за „плати до 3.000 евра“ таму стои многу покомплексна реалност, којашто со промените на платите во секторот во Македонија, може да стане и гастарбајтерска тага голема. Според експертите, споредбата на платите често се прави без анализа на условите во кои тие пари се заработуваат.

Келнерите и шанкерите работат под постојан притисок во екот на туристичката сезона, со долги смени од 12 до 16 часа и интензивна комуникација со гости, кои не се секогаш „мазни“ како на телевизија. Парите што ги добиваат не носат осигурување, и, иако заработката може да биде висока, професијата носи ризик од хроничен замор и професионално прегорување. Освен повисоките приходи, сезонската работа носи и долги смени, физичка исцрпеност, психолошки притисок и неизвесни услови за живот и работа.

Во Битола, каде угостителството претставува еден од најразвиените услужни сектори, келнерите најчесто заработуваат меѓу 30 и 45 илјади денари месечно, во некои ресторани платата достигнува и 55 илјади денари месечно, со придонеси и почитување на законите за слободни денови и празници. Според побарувачката, но и авторитетот што го носат професионалните готвачи, во Македонија нивната плата може да стигне и до 1.500 евра, во реномираните ресторани и до 1.630.

Наспроти тоа, во Хрватска, особено по островите, сезонските келнери заработуваат од 1.500 до 2.500 евра со бакшиш, а искусните готвачи и повеќе од 3.000 евра месечно. Но, условите не им се секогаш според рекламите и појавата не е масовна.

Академските анализи на сезонската работа на Македонците „долу на море“ ја дефинира работата на собарките и собарите како „невидлив услужен труд“ – неопходен за туристичката индустрија, но недоволно вреднуван. Кај нас државната статистика вели за овие хотелски работници платата е од 390-570 евра, секако без сместување – живеат дома и си купуваат храна од платата. Во Хрватска статистиката вели добиваат 1000 до 1.500 евра, со платено сместување и најмалку еден оброк, не плаќаат за режиски. Но, не е секаде така. Дури и да се работи за измама, хрватските измени на законот за работни односи вели работодавецот не смее да им зема повеќе од 30% од договорената плата за сместувањето.

Аналитичарите предупредуваат дека т.н сезона миграција веќе станала економски модел во земјите на Балканот. Освен Хрватска, хотелиерски работници вработуваат и Словенија и Германија.

А нашите, наоѓајќи работа преку Фејсбук групи, неофицијални посредници, или со препораки без договор, често се соочуваат со различна плата од ветената, неплатени прекувремени часоци, лошо сместување или плаќање за тоа, работа без ниту еден слободен ден, задржани документи и отказ без исплата на крајот од сезоната.

И, сепак, како што би рекле од српско-хрватското говорно подрачје, „трбухом за крухом“ заминуваат на печалба.

 

фото: unsplash