ТЕРА

REKLAMA???

Брифинг зад затворени врати

 

 

Општина Битола повторно организираше брифинг со новинарите но овојпат во услови кои наметнуваат сериозни прашања за транспарентноста на локалната власт и односот кон медиумите. За разлика од претходниот брифинг кога беше дозволено снимање и јавноста можеше директно да ги слушне ставовите на претставниците на општината, овојпат камерите останаа исклучени, а вратите затворени.

На средбата, меѓу другото, беа упатени критики кон медиумите дека не известуваат доволно за позитивните активности на локалната самоуправа. Таквата забелешка сама по себе не е спорна. Секоја институција има право да смета дека нејзините успеси не добиваат доволно медиумско внимание. Но, проблемот настанува кога истовремено се ограничува можноста јавноста директно да ги слушне тие „позитивни приказни“ преку снимање или пренос во живо.

Особено загрижува фактот што на брифингот беше посочено дека одредени медиуми, како РАИ УНО на пример , не се осврнувале на сите реакции на граѓаните, за разлика од некои други локални телевизии. Ваквата оценка отвора прашање за разбирањето на улогата на медиумите и уредничката независност.

Во демократско општество, главниот и одговорен уредник не е лице кое механички ги пренесува сите реакции, соопштенија или објави. Неговата задача е да врши професионална селекција на информациите според нивната јавна важност, релевантност, веродостојност и интерес за публиката. Уредникот носи одлуки врз основа на новинарски критериуми, а не според желбите на политичките структури, институциите или поединци. Токму затоа медиумите имаат различни уредувачки политики и различни пристапи кон темите што ги обработуваат. Главниот и одговорен уредник е последната уредувачка инстана во медиумот и единствено тој има право да одлуќува што е тема од јавен интерес и што ќе биде објавено на медиумот.

Дополнителна контрадикторност претставува фактот што брифингот беше организиран без можност за снимање и емитување. Ако целта навистина била граѓаните да бидат информирани за позитивните проекти и активности на Општина Битола, тогаш најлогично би било тие пораки да стигнат директно до јавноста преку камерите и микрофоните на медиумите. Наместо тоа, јавноста повторно остана зависна од интерпретациите и прераскажувањата на присутните новинари.

Од општината беше ветено дека сите дополнителни прашања кои ќе произлезат од брифингот ќе добијат одговор. Тоа е позитивен чекор, но не може да биде замена за принципот на отвореност. Транспарентноста не значи само одговарање на прашања по завршувањето на настанот. Таа подразбира можност граѓаните непосредно да слушнат што зборуваат нивните избрани претставници и да формираат сопствен став.

Кога институциите ги повикуваат медиумите на брифинг, а истовремено го ограничуваат снимањето и директното пренесување на информациите, неизбежно се создава впечаток дека транспарентноста е дозволена само до границата што ја одредува самата власт. А вистинската транспарентност почнува токму таму каде што институциите се подготвени да ги отворат вратите, камерите и прашањата пред јавноста.