Пороен дожд од само еден час беше доволен Битола повторно да се соочи со добро познатото сценарио: поплавени куќи, дворови и помошни простории на повеќе локации низ градот, непроодни улици и “езера” на клучни сообраќајници. Овојпат, водената стихија и нефункционалната канализација го погодија и поширокото централно градско подрачје, и периферните маала кои се први на удар при секој посериозен дожд. Населбите околу улицата Партизанска, делови на Нова Битола, како и критични точки во Арнаут маало, во густо населената Стрелиште и околу главните сообраќајни артерии на градот, уште еднаш пливаа во вода.
Синоќешните слики од Битола уште еднаш нѐ потсетија на децениското инфраструктурно запоставување што му се случува на градот. Додека на бројот за итни повици стигнуваа пријави од граѓани, надлежните служби реагираа откако калта влезе во домовите на погодените жители. Но, вистинскиот парадокс не лежи во облаците, туку на земјата. Иако живееме во 21 век, каде информациите и временските прогнози се достапни со денови однапред, локалната самоуправа и надлежните институции упорно реагираат дури откако градот ќе потоне. Целосно изостануваат какви било превентивни чекори за подготовка, чистење на критичните одводни шахти или долгорочна стратегија.

Фактот дека Општина Битола потфрла во својата работа е веќе очигледно секојдневие, но вината за ова долгогодишно статус кво не е само кај актуелната извршна власт. Локалната опозиција со години не ја извршува својата примарна улога на коректор. Таа не врши реален, суштински притисок за решавање на капиталниот дефект со атмосферската канализација. Наместо за одбрана од поплави, советничките групи во овој и во претходните мандати својата енергија ја трошат на дневни политички теми. Во архивите на Советот на Општина Битола не се памети кога последен пат имало конкретни, сериозни предлози или стратегија за справување со временските непогоди. Дополнителен апсурд е што најгласните критичари кои денес по социјалните мрежи глумат загриженост по секој дожд, се истите луѓе кои до вчера беа на високи позиции во локалната власт. Тие имаа шанса, буџет и моќ да направат нешто, но не направија ништо.
Но, вината за поплавената Битола има и уште едно лице, граѓаните. Покрај институциите и политичките актери, упорно молчи и јавноста. Секој молчи од различна причина: едни се целосно рамнодушни бидејќи сметаат дека ништо никогаш нема да се промени, други се незаинтересирани за јавното добро сè додека водата не стигне до нивниот праг, а трети тактизираат за „да не си ја расипат живеачката“ со некој од моќниците на власта.
Оттаму, синоќешниот потоп не е само инфраструктурен дебакл. Тоа е доказ дека Битола потфрли како целина, како жива заедница. Колективниот молк и на политичарите и на граѓаните резултира со колективна казна по секој посилен дожд.
Прашањето е до кога градот ќе молчи додека тоне?












