ТЕРА

REKLAMA???

Првото училишно ѕвонче замолчи во Породин, Канино и Дихово

Денес, на првиот ден од новата учебна година, училишното ѕвонче повторно ги повика учениците во клупите низ битолските основни и средни училишта. Но, годинава неговиот звук не се слушна во трите подрачни училишта во Породин, Канино и Дихово. Училиштата во овие три битолски села се ставаат во мирување. Тоа е дел од процесот на оптимизација, односно рационализација на училишната мрежа во Општина Битола, кој годинава започнува согласно насоките на Министерството за образование и наука. Покрај трите подрачни училишта што се ставаат во мирување, ќе бидат оптимизирани и 13 паралелки во осум основни училишта. Процесот во првата фаза ќе ги опфати прво и шесто одделение, каде паралелките ќе бидат формирани со број на ученици над законскиот минимум од 20. Останатите одделенија годинава нема да бидат опфатени со оптимизацијата и ќе продолжат да функционираат според досегашниот модел, вклучително и паралелките со помалку од 20 ученици.

Подрачните училишта во Породин, Канино и Дихово не се затвораат трајно, барем засега. За учениците кои ќе бидат опфатени со оваа промена ќе биде обезбедено продолжување на наставата во најблиското училиште, како и превоз до него. Во Општина Битола годинава се запишани 665 првачиња, што е за четири повеќе во споредба со минатата година. Од Секторот за образование при Општина Битола посочуваат дека процесот на запишување сè уште трае. Во пет подрачни училишта годинава нема запишано ниту едно прваче. Сепак, тие ќе продолжат да работат бидејќи во нив има ученици во другите одделенија, а станува збор за населени места каде што постои можност во наредните години повторно да има упис на нови ученици. Особен куриозитет се две подрачни училишта кои ќе продолжат да работат со по само еден ученик. Во Поешево и Кременица, по барање на родителите, наставата ќе продолжи да се одвива иако во секое од овие училишта има само по еден ученик, кој воедно е единствениот ученик во целото училиште. Процесот на оптимизација, според најавите, нема да значи губење на работните места за просветните работници. Во текот на оваа учебна година, наставници нема да бидат преместувани на позиции образовни асистенти. Инаку, вкупниот број ученици во основните училишта на територијата на Општина Битола изнесува 6.903. Во средното образование, во прва година од учебната 2026/2027 се запишани 698 ученици, што е за 11 помалку во споредба со претходната учебна година, кога во прва година биле запишани 709 ученици. Сепак, вкупниот број средношколци бележи минимално зголемување. Во учебната 2026/2027 година во средните училишта има вкупно 2.914 ученици, наспроти 2.912 ученици во учебната 2025/2026 година.