ТЕРА

REKLAMA???

Што слави Коњановски додека училиштата должат , а подрачните се затвораат?

Што слави градоначалникот Тони Коњановски во градскиот парк додека училиштата за кои е директно надлежен должат над 70 милиони денари, а подрачни училишта во битолските села се ставаат под клуч? Каква „Училишна приказна“ се одржува денес во Битола, кога ниту едно училиште во градот нема воведено едносменска настава, а спортската сала во Бистрица со месеци е претворена во пропаднато градилиште?

Овие прашања јасно ја разобличуваат ПР-стратегијата на локалната власт. Покана за славење на „првите училишни чекори“ и „големата желба за знаење“ пристигна во исто време со официјалниот Извештај за пријавени обврски на јавните субјекти за јуни 2026 година. Податоците во него откриваат сурова и поразителна реалност. Вкупниот долг на битолските основни и средни училишта изнесува точно 71.121.836 денари.

Контрастот помеѓу балоните во паркот, затворените рурални училишта и долговите на училиштата, покажува дека на битолчани веќе им е преку глава од прескапи локални манифестации, од зимски до училишни приказни, во услови кога секојдневието на учениците ни од далеку не наликува на бајка.

Извештајот за пријавени обврски открива дека менаџирањето со училишните буџети е пред целосен слом. Дури три општински училишта ја имаат надминато границата од 10 милиони денари долг, што директно го загрозува нивното секојдневно функционирање, набавката на енергенси и основни хигиенски средства. Основното училиште Коле Канински води на листата со рекорден долг од 12.099.713 денари. СОУ Таки Даскало се соочува со обврски од 11.552.521 денари, а ОУ Даме Груев должи 10.588.679 денари. Високи долгови има и ООУ Крсте Петков Мисирков – 8.140.572 денари, како и ООУ Тодор Ангелевски – 5.861.383 денари. Во ваква ситуација, наставниот кадар и раководствата се принудени да менаџираат под постојан притисок, наместо да се фокусираат на подигнување на образовниот стандард.

Покрај финансиската дупка, Општина Битола целосно потфрли и во исполнувањето на клучните образовни стандарди. Додека Министерството за образование и наука промовира едносменска настава како европски модел за поголема продуктивност на децата, Општина Битола остана на дното. Наместо модернизација на просторот, единствената „реформа“ на локалната власт беше затворањето на подрачни училишта. Општината не успеа да создаде услови за ниту едно централно училиште во градот конечно да премине во една смена. Битолските ученици сè уште се принудени да учат во смени.

Еклатантен пример, пак, за капиталното и инфраструктурно потфрлање на оваа локална власт е училиштето во Буковски Ливади. Во изборната програма за локалните избори во 2021 година, Коњановски на жителите од оваа населба помпезно им вети изградба на комплетно ново училиште. Пет години подоцна, од новото училиште нема ниту трага. Наместо тоа, локалната власт во меѓувреме ја смени одлуката и решенијата ги сведе на обична реконструкција на постојниот стар објект. Но, дури и со вака драстично намалени амбиции, реализацијата на терен тапка во место. ООУ Крсте Петков Мисирков во село Бистрица, пак, ја чека ветената модерна спортска сала. Дотогаш, учениците и наставниците се принудени да учат и работат во небезбедна средина, со оштетени ѕидови од рушењето на стариот објект. Наместо безбедно место за спорт, децата добија вечно градилиште.

И наместо Коњановски да предложи решенија, тој организира уште една маркетинг приказна. Додека во паркот децата ги забавуваше ангажиран кловн, вистинската дилема е до кога градоначалникот ќе се прави кловн или ќе ги прави кловнови сопствените граѓани, родители и наставници, продавајќи им евтини претстави во услови на образовен колапс?