ТЕРА

REKLAMA???

Трчај(те) бе браќа Димитровски!

Битола отсекогаш милувала да живее во сенката на своите митови, но во последно време градот сè поочигледно создава нови, современи династии. Кога следната недела улиците под Пелистер ќе ечат од чекорите на учесниците на спортската манифестација „Трчај бе“, подлогата на овој настан нема да биде само спортскиот ентузијазам. Напротив, зад сцената се отвора едно многу посериозно прашање: Дали браќата Борче и Никола Димитровски, веројатно опиени од концентрацијата на моќ и ресурси во нивните раце, почнаа да си замислуваат дека се модерните браќа Манаки на Битола?

Оваа нивна потенцијална самобендисаност и паралела со славните Јанаки и Милтон Манаки, колку што е привлечна за окото, толку е и длабоко иронична. Додека вистинските пионери на филмот носеа светлина и културна вредност со својата визија и личен капитал, денешните претенденти за битолска слава будат дилеми за еден поинаков вид на „визионерство“ – како во сопствената филмска лента успешно да ги спојат невладината спортска амбиција, семејната врска и општинската поддршка во еден совршено затворен круг?

Фактите тешко можат да се сокријат зад параванот на „општествена одговорност“ и промоција на здрави навики. Во здружението кое стои зад организацијата на „Трчај бе“, Никола Димитровски се јавува како претседател, додека неговиот брат, Борче Димитровски, е потпишан како основач. Оваа семејно-невладина идила сама по себе можеби ќе беше само уште една успешна приказна за браќа-активисти, доколку истиот тој Борче Димитровски не ја извршуваше функцијата секретар на Општина Битола.

И тука приказната добива остар, институционален контраст. Општината во која Борче Димитровски е на висока раководна функција, заедно со локалните јавни претпријатија, обезбедува пари и друг вид на помош за настан со кој раководи токму неговиот брат и кој тој самиот го основал. Дали е ова класичен пример за конфликт на интереси, етички дебакл или едноставно нивна „добра менаџерска способност“?

Од друга страна, дел од битолската јавност и понатаму аплаудира на настан во кој сè е вака семејно поврзано. Но, изгледа тоа ни е во крвта. Петстотини години под турско ропство нè научија да молчиме, па затоа денес тешко препознаваме кога некој нè користи. Историјата во Битола изгледа се сврте наопаку. Браќата Манаки снимаа во османлиско, браќата Димитровски се главни актери во каурско. Но, има разликата. Манаки снимаа со своја, сопствена опрема и пари, а Димитровски користат државни функции и општински ресурси за проект каде што самите се шефови.

Концентрацијата на толку големо влијание и контрола врз јавниот простор во рацете на само двајца луѓе наметнува легитимно чувство на непријатност. Кога границата меѓу јавната функција, личниот ангажман и граѓанскиот сектор е до толку избришана, градот веќе не делува како рамноправен партнер на граѓаните, туку како логистички сервис за семејни проекти. Ако порано Манаки ја снимаа Битола, денес браќата Димитровски очигледно решиле дека можат да ја режираат. И тоа со поддршка овозможена од самите битолчани.

Затоа, насловот не е само спортска парола, туку остар крик на реалноста. Трчај(те) бе, браќа Димитровски, бидејќи со ваква институционална заднина, патеката ви е целосно расчистена, а целта однапред загарантирана. Прашањето е само до кога Битола ќе молчи и ќе аплаудира?!