ТЕРА

REKLAMA???

Правни студии Битола и Криминалистика – најатрактивни студиски програми на првиот уписен рок УКЛО

Денеска на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола започнува вториот уписен рок за академската 2026/2027 година. Пријавувањето ќе трае до 11 септември, а слободни се вкупно 1.278 места во единиците на УКЛО во Битола, како и во Скопје, Кичево, Велес, Прилеп и Охрид.

Од вкупниот број слободни места во вториот рок, 523 се во државна квота, 424 се за студенти со школарина, а 331 за вонредни студенти. Најмногу места има на Техничкиот факултет во Битола – 269, Факултетот за информатички и комуникациски технологии – 174, Педагошкиот факултет – 190, Економскиот факултет во Прилеп – 121 и Факултетот за туризам и угостителство во Охрид – 148.

Во првиот уписен рок на УКЛО се пријавиле 891 кандидат, а споредбата на почетните квоти со местата што останале за вториот рок овозможува да се види кои студиски програми привлекле поголем интерес, а кај кои останува поголем дел од слободните места.

Меѓу студиските програми со најмалку слободни места во вториот рок е Криминалистика на Факултетот за безбедност. Од првично предвидените 120, во вториот уписен рок останале 12.  Слична е состојбата кај Правните студии во Битола. Од 80 предвидени места, за вториот рок се понудени уште 8. Кај Правните студии во Кичево, пак, од првично предвидените 40 места останале слободни повеќе од половина – 21. Интересна е и споредбата со студиските програми по политички науки и дипломатија. И во Битола и во Кичево во вториот рок остануваат сите првично предвидени места – по 15. Овие податоци покажуваат дека во рамките на Правниот факултет, интересот значително се разликува зависно од студиската програма и местото на изведување на наставата.
На Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, од вкупно 261 место во првиот конкурс, во вториот остануваат 148. Најмала преостаната квота има кај програмата Царина и шпедиција – од 50 места остануваат 7. Кај Гастрономија, од 15 места слободни остануваат 5, а кај Менаџмент во услужен сектор, од 50 остануваат 19. Од друга страна, кај студиските програми на англиски јазик во вториот рок се достапни сите првично предвидени места. За Туризам – англиски остануваат 10 од 10, а за Царина и шпедиција – англиски 16 од 16. Кај програмата Туризам, од 50 места остануваат 36, додека кај Хотелско-ресторански менаџмент од 30 места остануваат 21.

Високата медицинска школа во Битола во првиот конкурс имала 180 места, а во вториот уписен рок се понудени 88. Најмалку слободни места има кај програмата Физиотерапевти. Од 35 места, во вториот конкурс остануваат 7. Кај Медицинска сестра/техничар остануваат 31 од 55 места, кај Медицинско-лабораториски аналитичар 18 од 30, а кај Радиолошки технолози и Акушерки по 16 од 30 места. И податоците за целата Висока медицинска школа покажуваат дека здравствените студиски програми се меѓу оние со позначаен интерес во првиот уписен циклус.

Економскиот факултет во Прилеп е пример каде интересот значително се разликува од една до друга студиска програма. Кај Маркетинг, од 26 места кои биле првично понудени, во вториот конкурс остануваат 7. Кај Сметководство и ревизија, од 26 остануваат 8, а кај Банкарство и финансии остануваат 13. Кај Менаџмент, од 31 место остануваат 15.
Од друга страна, кај Економија, од 31 место остануваат 29, додека кај Е-бизнис од 31 остануваат 27.

И на ФИКТ интересот се разликува според програмата. Податоците од дополнителниот конкурс покажуваат дека интересот за студиите во областа на информатичките технологии не е еднаков кај сите програми. Кај Информатички науки и комуникациско инженерство, од 180 места во вториот рок остануваат 107. Кај Информатика и компјутерска техника, од 30 места остануваат 27. Истовремено, кај програмата Компјутерски науки и компјутерско инженерство, која се реализира на англиски јазик, остануваат сите 40 места.
Техничкиот факултет во Битола во првиот конкурс имал 370 места, а во вториот се понудени 269. Од конечните ранг-листи од првиот рок, кај Машинство се евидентирани 18 кандидати, кај Индустриско инженерство и менаџмент 15, кај Сообраќајно-транспортно инженерство 21, кај Графичко инженерство и дизајн 10, кај Електроенергетски системи и обновливи извори на енергија 21, а кај Мехатроника 16 кандидати. Кај Инженерство за безбедност и заштита се евидентирани 6 кандидати. Во вториот конкурс кај оваа студиска програма остануваат 34 од првично предвидените 40 места.
Педагошкиот факултет во првиот конкурс имал 245 места, а во вториот остануваат 190.
Кај Македонски јазик и книжевност, од 30 места остануваат 16, додека кај Англиски јазик и книжевност, од 55 места остануваат 39. Кај Наставник за одделенска настава остануваат 32 од 40 места, кај Воспитувач 19 од 25, а кај Социјална и рехабилитациска педагогија 22 од 30. Кај Германски јазик и книжевност остануваат 39 од 40 места, а кај Информатика и техничко образование 23 од 25.

Кога ќе се споредат почетните квоти со слободните места што останале во вториот конкурс, се забележуваат значителни разлики меѓу студиските програми. Најатрактивни биле Правни студии – Битола, Криминалистика, Царина и шпедиција, Физиотерапевти, Маркетинг, Сметководство и ревизија, Безбедност и Гастрономија.
Од друга страна, кај неколку програми во вториот конкурс останува речиси целата почетна квота. Таков е случајот со Политички науки и дипломатија, Економија, дел од програмите на англиски јазик, како и со некои технички, педагошки и земјоделско-прехранбени студии.

Сепак, конечната слика за уписот на УКЛО ќе може да се утврди по завршувањето на вториот рок и објавувањето на податоците за реално запишаните студенти. Дотогаш, споредбата на конкурсните квоти, конечните ранг-листи и слободните места во вториот рок претставува показател за насоките кон кои годинава се насочиле кандидатите.